Според неа, смената на Јаневски нема никаква политичка поврзаност, особено не по најавата на Морачанин за отпочнување разговори за можно коалицирање со СДСМ на претстојните парламентарни избори
Од Владата во изјава за „360 степени“ потврдија дека на владината седница одржана на 26 декември Љупчо Јаневски бил разрешен од директорската функција, а на негово место за в.д. директорка била избрана Јасмина Лескаровска
Не разбирам која е потребата еден ден по смената, да објавиш на Фејсбук дека поднесуваш оставка. Вака лидерката на ДОМ Маја Морачанин во изјава за „360 степени“ ја коментира објавата на нејзиниот сопартиец Љупчо Јаневски дека поднесува оставка од функцијата директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ).
Според неа, смената на Јаневски нема никаква политичка поврзаност, особено не по најавата на Морачанин за отпочнување разговори за можно коалицирање со СДСМ на претстојните парламентарни избори.
„Оставката на Јаневски никако не е поврзана политички, односно нема политички контекст и особено нема никаква поврзаност со најавата за можно коалицирање со СДСМ на избори. Едноставно, ние како ДОМ сметавме дека треба да се зајакне улогата на Агенцијата во промоцијата, пред се, на еко туризмот и другите алтернативи на туризмот, што е наша програмска определба, и затоа до Владата предложивме смена на Јаневски. На седницата во вторникот беше избрана Јасмина Лескаровска за в.д. директорка на Агенцијата. Лескаровска долги години работи во Агенцијата за туризам. Не разбирам која е потребата еден ден по смената, Јаневски да поднесе оставка. На Јаневски истечен му беше мандатот од полни четири години и нормално е да се менуваат кадри“,
ни изјави Морачанин.
Од Владата во изјава за „360 степени“ потврдија дека на владината седница одржана на 26.12.2023 година Љупчо Јаневски бил разрешен од директорската функција.
„Владата на Република Северна Македонија на владина седница одржана на 26.12.2023 го разреши Љупчо Јаневски од должноста директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, поради истек на мандатот за кој е именуван и ја именуваше Јасмина Лескаровска за вршител на должноста директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот“,
информираа од Владата.
Јаневски не одговори на повиците на „360 степени“ да даде дополнителен коментар околу неговата оставка.
Имено, по речиси шест години откако беше на чело на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ), Љупчо Јаневски на Фејсбук објави дека поднел оставка од директорската функција.
Оставката, како што изјавил за МИА, ја поднел од лични причини.
„Историските резултати што ги постигнавме во изминатите 5 години говорат за нашата работа. Тоа што го затекнав пред 5 години и бројките што ги оставаме денес во некој следен подолг текст. Сакам да се заблагодарам на туристичкиот сектор, медиумите, партнерите и меѓународните организации за соработката. Каква држава ќе изградиме, во таква држава ќе живееме. Македонија мора напред!“,
напиша Јаневски во објавата на својот фејсбук-профил.
Лидерката на ДОМ пред неколку дена информираше дека Централниот одбор на партијата донел одлука партијата да влезе во преговори со СДСМ за заеднички настап на парламентарните избори.
На прашањето – зошто ДОМ е сè уште во владината коалиција, иако не се исполнети сите нивни барања, Морачанин рече дека не се откажале од уставните измени, од една изборна единица и од владеење на правото.
За ДОМ е прифатливо Талат Џафери да биде технички премиер во преодната влада, а Јован Митревски претседател на Собранието.
Инаку на локалните избори во 2021 година ЛДП и ДОМ потпишаа договор за заеднички настап на изборите формирајќи го „Движењето одлучно за промени“. Коалицијата настапи со свои кандидатски листи за градоначалници и советници.