Без да се спомене името на претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, на денешната седница на Судскиот совет единствено беше кажано дека до Советот вчера пристигнало „барање од страна на судијата или претседателот на суд целата постапка за утврдување на одговорност да биде јавна“. Дека ќе бара јавност на постапката во однос на евентуалната иницијатива за нејзино разрешување неодамна најави и самата Адеми
Со осум гласа „за“ и ниту еден „против“, Судскиот совет доцна попладнево усвои одлука со која се дава согласност целокупната постапка во однос на иницијативата за утврдување на одговорност и разрешување на претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, да биде јавна. По иницијативата за нејзино разрешување, како што неодамна објави ТВ Телма, Судскиот совет ќе расправа на последниот работен ден од оваа година, 29 декември.

За иницијативата за разрешување на Адеми изминатиов период интензивно се говори во јавноста, но за нејзино(то) постоење нема ниту потврда ниту, пак, демант.
Името на Адеми не беше споменато ниту на денешната седница на која Советот одлучуваше за присуство на јавноста во постапката за утврдување нејзина одговорност, а единствено беше споменато дека до Судскиот совет вчера пристигнало „барање од страна на судијата или претседателот на суд целата постапка за утврдување на одговорност да биде јавна“. Дека ќе бара јавност на постапката во однос на иницијативата за нејзино евентуално разрешување неодамна најави и самата претседателка на Врховниот суд.
Инаку, постапката за утврдување одговорност за судија или претседател на суд, која е уредена во членот 61 од Законот за Судскиот совет, е од доверлив карактер и се води без присуство на јавноста.

Сепак, Законот предвидува и можност за јавност на постапката доколку тоа дојде по барање на судијата или претседателот на судот за кого постои иницијатива за утврдување одговорност, а што треба да биде одобрено од Судскиот совет.
„По барање на судијата или претседателот на судот, Советот ќе одлучи постапката да биде јавна“.
гласи став 3 од членот 61 од Законот за Судски совет.
Неофицијалните информации до кои дојде „360 степени“ говорат дека (не)присуството на претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, на седниците на Судскиот совет е главниот аргумент на кој се заснова иницијативата за нејзино разрешување и за што ќе се расправа на последниот работен ден од оваа година, односно в петок.
Дека недоаѓањето на Адеми, согласно членот 43, на седниците на Судскиот совет е аргументацијата на која се заснова иницијативата за нејзино разрешување, можеше да се насети и во одговорите на претседателот на Судскиот совет, Сашко Георгиев , во неодамнешното интервју за „360 степени“.
Прашан за споменувањето на иницијатива за разрешување на претседателката на Врховниот суд, како и за актуелните односи меѓу неа и Судскиот совет по нејзините изјави дека имала надворешен, политички притисок за оживување на помилувањата од претходниот претседател Ѓорге Иванов и дали има таква иницијатива за најзино разрешување, претседателот на Советот рече:
„Во овој дел само ќе презентирам дел од Законот за Судски совет во кој овие постапки се од доверлив карактер, односно не се презентираат во јавноста. Тоа е заштитено со самиот закон. Во однос на оваа проблематика, јас ќе кажам дека колешката Беса Адеми е претседател на Врховниот суд, а во исто време, по службена должност, е и дел од составот на Судскиот совет. Во еден период таа доаѓаше на седници, имам разбирање дека и таму има обврски, сите имаме обврски, доаѓаше еден период, беше активна, но има еден период во кој таа не доаѓа, не се јавува на седници на Судскиот совет… Тоа е нејзино лично убедување, таа е судијка, претседател на највисокиот суд и зошто и од кои причини не доаѓа да придонесе, нејзината улога како претседател на Врховниот суд и согласно законот, е да биде активна во решавањето на Судскиот совет…“.
На новинарска забелешка дека ги слушаме толкувањата дека со тоа покажува непочитување на Судскиот совет, Георгиев рече оти не се согласува дека на таков начин треба пред јавноста да покажуваме и пред самите себеси дека не се согласуваме.
„Улогата на ваквите членови е да дојдат на седница на Советот и да го кажат тоа што го мислат“,
рече претседателот на Судскиот совет во интервјуто.
Инаку, во извештајот на Оценската мисија на ЕУ за работата на Судскиот совет, кој неодамна во главни црти го претстави евроамбасадорот Дејвид Гир, меѓу другото, се наведува дека тоа што претседалот на Врховниот суд и министерот за правда, кои се членови по функција на Судскиот совет, не присуствуваат на седниците на Советот по сопствена одлука, не е прекршување на Законот.
„Треба да се напомене дека претседателот на Врховниот суд и министерот за правда не присуствуваа на состаноците на Судскиот совет, по сопствена одлука, по неодамнешните контроверзни настани во Судскиот совет и тоа не е прекршување на законот.
Доколку министерот за правда и претседателот на Врховниот суд не се членови на Судскиот совет, треба да се обезбедат механизми за координација меѓу овие три институции, со цел подобро да се обезбеди комуникација и соработка. Тоа може да се направи и на неформален начин, како на пример, преку месечни состаноци, на кои може да се разговара за одредени проблеми на судството или прашања од јавен интерес“,
се наведува во делот на Извештајот на Оценската мисија.