Градоначалничката Данела Арсовска во последната објава на својот фејсбук-профил ги отфрла тврдењата дека немало јавен повик за украсувањето на градот оваа година. Таа вели дека и годинава, како и секоја друга, јавен повик бил распишан, но не го потврди тоа со документ
Финансиската полиција в понеделник влегува во Град Скопје за да провери колку и како се потрошени пари од градскиот буџет за новогодишното украсување на градот.
„Согласно Законот, веќе сме во подготовки и в понеделник ќе влеземе во Град Скопје за да направиме проверки во однос на трошењето на буџетски пари за украсувањето на Скопје“,
изјавил Горан Иванов, директор на Финансиската полиција за порталот СДС.мк.

Изминативе денови новогодишното украсување на градот стана актуелно во јавноста откако на плоштадот „Македонија“ беше поставена половично накитена елка, а по неколку дена и уште една слична на неа.
Ова предизвика потсмев кај граѓаните, но и кај дел од странските медиуми.
Градоначалничката Данела Арсовска во последната објава на својот фејсбук-профил ги отфрла тврдењата дека немало јавен повик за украсувањето на градот оваа година. Таа вели дека и годинава, како и секоја друга, јавен повик бил распишан, но не го потврди тоа со документ.
Арсовска во објавата вели дека украсувањето на градскиот плоштад, главните сообраќајници и новогодишниот базар се финансирани преку јавен повик, кој бил објавен согласно актите и прописите, како и сите други јавни повици. Но, на ваквата нејзина објава не приложи документ или линк до јавниот повик што го споменува.
Единствено што прикачи е илустрација со јавните повици, фирмата што ги добивала и парите кои биле потрошени за новогодишно украсување на градот во времето на нејзините претходници.
„Разликата, сепак, помеѓу овогодинешното организирање на украсувањето на градот и претходните години е што сега имаме 10 пати помали трошоци од она што било трошено изминатите две децении – разликата е и во тоа што оваа година парите за оваа намена не ги добила истата фирма која ги добивала досега. Фирма блиска до Шилегов која од многубројни тендери испумпувала пари од градската каса. За ова, веќе се подготвени соодветни пријави“,
пишува Арсовска.
Таа посочи и дека годинава китењето на главниот град чини 30 илјади евра, а не 300 илјади евра како претходните години.
На прашањата на медиумите која фирма го добила јавниот повик за украсување, Арсовска не одговори. Обвинителството најави дека доколку Финансиската полиција не ги испита сите околности околу набавката за украсувањето, ОЈО ќе оформи предмет.
„Со оглед на изнесените наводи во конкретниот случај, Управата за финансиска полиција како орган надлежен за откривање на евентуални кривични дела и контрола на финансиските текови има надлежност да ги испита сите околности и да достави соодветно известување или пријава. Доколку Финансиската полиција не постапи, Обвинителството ќе оформи предмет и ќе нареди да се извршат сите проверки“,
соопшти вчера Обвинителството.
Либерално-демократската партија денеска најави иницијатива за отповикување на градоначалниците преку законски измени. Оценувајќи „граѓаните не смеат да трпат заради неспособноста на локалните власти“, претседателката на ЛДП, Моника Зајкова, најави дека партијата започнува граѓанска иницијатива за отповикување на градоначалниците преку измени на Законот за локална самоуправа и собирање потписи за референдум.
Таа оценува оти она што се случува во Скопје е знак дека мора да има механизам за отповикување на градоначалниците, а оти целта на ваквата иницијатива е создавање поспособна и проактивна локална самоуправа.