Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, смета дека со почетокот на предизборната кампањата кога граѓаните, а и структурите на партиите се мобилизираат, потенцијалот и пораката на ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат посилни. „Не би бил изненаден ако бројката биде близу до мнозинство во парламентот“, вели тој
„Анкетите спроведени на репрезентативен примерок на ниво на изборни единици во овој момент ви даваат околу 50 пратеници на парламентарните избори – една ви дава 50, друга 51 мандат. Заедно со Левица сте под 61 и тоа 4-5 пратеника под 61. Ова не го кажувам за да сугерирам дека намерата ви е да коалицирате со Левица, туку како индикација дека ако се обединат сите други, има бројки за влада без ВМРО ДПМНЕ и без Левица. Ако не успеете да формирате влада, дали ќе се повлечете од лидерското место во ВМРО ДПМНЕ“ – беше едно од прашањата што лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ги доби во интервјуто за „360 степени“ на МРТ 1.

Мицкоски: Толку многу луѓе посакуваат јас да се повлечам од лидерското место во ВМРО-ДПМНЕ, но за нивна жал уште долго ќе треба да ме гледаат во политиката затоа што ВМРО-ДПМНЕ ќе освои многу повеќе од тие бројки, а ќе кажам и зошто. Тие анкети што вие сте ги гледале, можете да претпоставите дека и јас сум ги гледал, и тие куќи што ги прават тие анкети го убедуваа на времето Зоран Заев дека во првиот круг од локалните избори ќе има 22 градоначалника, а ВМРО-ДПМНЕ едвај пет градоначалници, па бројките беа спротивни. Сега истите тие луѓе му го прават тоа на Димитар Ковачевски.
360°: Едната куќа е прилично блиска до вас.
Мицкоски: Е сега, анкетите од куќите кои се прилично блиски до нас велат вака, бидејќи и ние правиме анкети и тоа некогаш две, а некогаш три месечо. Според последната, на изборен примерок од илјада испитаници по изборна единица, ја направивме во ноември, бројките се дека ВМРО-ДПМНЕ се движи помеѓу 51 и 54 пратеника, СДСМ се движи меѓу 26 и 29, ДУИ – има едно сценарио ако оди заедно со Алијанса за Албанците, споредено со тројната коалиција Движењето на Изет Меџити, БЕСА и Алтернатива, и втората варијанта е кога ДУИ оди посебно, посебно оди Алијанса за Албанците, а тројната коалиција оди заедно, па бројките кои заедно ги делат се некаде околу 27 до 28. И заедно партијата Левица и партијата на градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, заедно делат некаде околу 12 пратеници“.
Мицкоски цени дека со почетокот на кампањата кога граѓаните, а и структурите на партиите се мобилизираат, потенцијалот и пораката на ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат посилни.
„Не би бил изненаден ако бројката биде близу до мнозинство во парламентот. Повторно ќе кажам, свесен за предизвиците дека сите оние кои не се согласуваат со Христијан Мицкоски или со ВМРО-ДПМНЕ ќе прават сè за тој процес и таа победа да ја намалат. Но, јас лично и партијата сме во таква кондиција и мотивацијата е на толку високо ниво што ценам дека истите тие ќе бидат прегазени и не би се изненадил за уште еден историски резултат по онаа двојна победа на локалните избори која, мора да се согласите, сама по себе беше историска“,
вели тој.
Но, и според анкетата што ја цитираше Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ и Левица се под 61 пратеник заедно, па теоретски и математички „има влада на другата страна“.
„Видете, вие ја правите владата на другата страна – сите против ВМРО-ДПМНЕ. Да почекаме да ги коментираме можните коалиции вечерта околу 21 часот кога ќе ги добиеме резултатите од изборите. Но, јас сум убеден и ве убедувам и вас и македонските граѓани – идната влада ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ, јас како мандатар и тоа ќе бидат историски најреформските години за Македонија како држава,“
порача Мицкоски

Следното прашање до Мицкоски беше – ако условот за постизборно коалицирање на партиите на Албанците, па и оние за кои Мицкоски вели дека ги преферира, а тоа се опозициските партии на Албанците, е другиот или другите партнери во владата да се согласат со усвојување на уставните измени кои произлегуваат од Преговарачката рамка со ЕУ, тогаш каде ВМРО-ДПМНЕ ќе ги бара партнерите за влада?
„Вакви услови какви што се сега и вакви уставни измени какви што се во парламентот, ВМРО-ДПМНЕ и јас лично немаме намера да прифатиме никогаш. Не е битна политичката кариера на Христијан Мицкоски. Напротив, јас не работам под диктати и не работам под услови. Ценам дека идната влада треба да биде композиција, визија и план – како да си ја развиваме Македонија. Ние повторно зборуваме за уставни измени, а никој не зборува за суштината. Да, ние и сега имаме политичари кои под превезот и во името на ЕУ крадат и сме шампиони во криминал и корупција, во нефункционални институции. Простете, но јас така не размислувам и никогаш нема да размилсувам“,
рече Мицкоски.
На новинарска констатација дека надежта е оти притисокот што од процесот на пристапување кон ЕУ ќе доаѓа и од Брисел и од другите главни градови во ЕУ може да ги мрдне работите на подобро, Мицкоски вела „ние слонот не го игнорираме, слонот е во собата, некој друг го донел“.
„Да нè прашаа нас, немаше да биде слонот и може сè ќе беше поинаку, но ако зборуваме за реалноста, треба да зборуваме и за тоа што нам ни припаѓа. Што е тоа што нам ни припаѓа? И ние имаме свои принципи што се поврзани со реалноста, не како ВМРО-ДПМНЕ, зборувам како народ“,
вели тој.