За разлика од САД и Русија, Бразил е потписник на Римскиот статут со кој е основан МКС во холандскиот град Хаг, и затоа се очекува да го почитува налогот за апсење, јави ДПА
Бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва денеска изјави дека не може да му даде никакви лични гаранции на рускиот претседател Владимир Путин дека нема да биде уапсен доколку на крајот на следната година учествува на Самитот на Г20 во Рио де Жанеиро, јави ДПА.
„Дали Путин ќе биде уапсен во Бразил поради налогот издаден од Меѓународниот кривичен суд (МКС) за наводни воени злосторства во Украина, не е во надлежност на бразилскиот претседател. Дали ќе биде уапсен кога ќе пристигне? Можеби, можеби не. За тоа ќе одлучи судството“,
рече Лула да Силва за време на посетата на Берлин.
Путин речиси и не ја напушти Русија од почетокот на војната против Украина во февруари 2022 година. Тој ги пропушти неодамнешните самити одржани во Јужна Африка за земјите од БРИКС и во Индија за членките на Г20. Според руските медиуми кои се повикуваат на неговиот советник Јуриј Ушаков, тој оваа недела ќе ги посети Обединетите Арапски Емирати и Саудиска Арабија.
МКС го обвинува Путин дека е одговорен за киднапирањето и депортацијата во Русија на деца и малолетници од териториите окупирани од Русија во Украина. Москва овие случаи ги нарекува „евакуации“.
За разлика од САД и Русија, Бразил е потписник на Римскиот статут со кој е основан МКС во холандскиот град Хаг, и затоа се очекува да го почитува налогот за апсење, јави ДПА.