Зеленски во интервју за АП тврди дека Американците помагајќи ѝ на Украина си помагаат и самите себеси
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека војната со Русија е во нова фаза, а зимата се очекува да ги комплицира борбите по летната контраофанзива, која не ги доби посакуваните резултати. Сепак, и покрај неуспесите, тој рече дека Украина нема да се откаже.
„Зимата како целина е нова фаза од војната“,
рече Зеленски во интервју за Асошиејтед прес во Харков, североисточна Украина.
На прашањето дали е задоволен од резултатите на контраофанзивата, тој одговори:
„Видете, не се откажуваме, јас сум задоволен. Се бориме со втората најдобра војска во светот, задоволен сум“.
Потоа тој, сепак, додаде:
„Губиме луѓе, не сум задоволен. Не го добивме целото оружје што го сакавме, не можам да бидам задоволен, но не можам премногу да се жалам“.
Зеленски, исто така, рече дека стравува оти војната меѓу Израел и Хамас се заканува да го засени конфликтот во Украина бидејќи „го загрозува протокот на западна воена помош за Киев“.
Не смееме да дозволиме Западот да заборави на војната
Украина не го доби целото потребно оружје од сојузниците, додаде тој.
„Веќе можеме да ги видиме последиците од пренасочувањето на вниманието на меѓународната заедница поради трагедијата на Блискиот Исток. Само слепите не го гледаат тоа. Не смееме да дозволиме Западот да заборави на војната“,
вели украинскиот претседател.
Таа промена на фокусот може да доведе до помала економска и воена помош за неговата земја, додал Зеленски.
Во обид да ги смират тие стравови, американските и европските претставници продолжија да го посетуваат Киев по нападите во Израел на 7 октомври.
Неодамнешната анкета на АП во САД покажа дека речиси половина од Американците мислат дека се троши премногу за Украина. Сè поголем број републиканци не се за испраќање поголема помош и не е јасно дали и кога барањето на Белата куќа за поголема помош ќе биде одобрено од Конгресот.
На прашањето за ова, Зеленски тврди дека Американците помагајќи ѝ на Украина си помагаат и самите себеси.
„Во случајот со Украина, ако отпорноста пропадне денес поради недостиг на помош, на оружје и на финансиски средства, тоа ќе значи дека Русија најверојатно ќе ги нападне земјите на НАТО. И тогаш децата на Америка ќе се борат“,
рече тој.