Меѓу Палестинците ослободени од израелските затвори има 23 малолетници и седум жени, додека осумтемина израелски државјани кои беа ослободени во четвртокот како дел од договорот вклучуваат две малолетни лица и шест жени, вклучително и двојни државјани од Мексико, Русија и Уругвај
Затворската служба на Израел рано утринава објави дека ослободила 30 Палестинци од израелските затвори како дел од седмата размена на заложници според договорот за прекин на огнот со лидерите на Хамас во Газа. Во соопштението за медиумите, затворската служба објави дека Палестинците ослободени од затворите во Израел, се од окупираниот Западен Брег и Ерусалим.
„Триесет Палестинци ќе бидат ослободени во замена за ослободување на 10 заложници во Појасот Газа на седмиот ден од договорот за хуманитарна пауза, а двајца руски државјани ослободени вчера се вклучени во оваа листа“,
објави портпаролот на Министерството за надворешни работи на Катар на социјалната мрежа Икс.
Меѓу Палестинците ослободени од израелските затвори има 23 малолетници и седум жени, додека осумтемина израелски државјани кои беа ослободени во четвртокот како дел од договорот вклучуваат две малолетни лица и шест жени, вклучително и двојни државјани од Мексико, Русија и Уругвај, додаде портпаролот Маџед Ал-Ансари.
Две израелски државјанки се предадени на Црвениот крст во градот Газа, соопшти вчера попладне Тел Авив, додека другите заложници беа ослободени подоцна во вечерните часови, откако примирјето меѓу Израел и Хамас беше продолжено непосредно пред истекот на истиот.
Израелската војска во четвртокот вечерта потврди дека шестмина израелски заложници се ослободени во Појасот Газа и дека се „на пат кон Израел“ како дел од договорот со Хамас. Вооруженото крило на Хамас, Бригадите Изадин ал Касам, објавија дека шесте заложници се предадени на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во Појасот Газа.
„Седмата група сега е целосно ослободена, по претходното ослободување на две заложнички“,
објави вооруженото крило на Хамас.