Секој изминат ден и изгубени животи, додаде премиерот, се сурова потврда на оцената дека воената агресија претставува акт на флагрантно кршење на Повелбата на Обединетите нации, принципите и заложбите на ОБСЕ, како и основните премиси на меѓународното право, но пред сè на вредностите на хуманоста
Народот на Украина заслужува мир и војната мора да запре. Постигнувањето праведен и одржлив мир останува императив. Оваа војна продолжува да ги поткопува темелите на ОБСЕ. Затоа, како клучно безбедносно прашање на нашиот регион и пошироко, централен приоритет за нашето претседавање беше и останува да биде обезбедување суштинска поддршка за Украина и нејзиниот народ низ димензиите на ОБСЕ.
Ова е пораката на премиерот Димитар Ковачевски од поздравниот говор, со кој го означи отворањето на 30. Министерски совет на ОБСЕ, кој денеска и утре се одржува во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје.
На отворањето се обратија и министерот за надворешни работи и актуелен претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи, претседателката на Парламентарното собрание на ОБСЕ, Пиа Каума, како и генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Шмид.
„Визијата на ОБСЕ како платформа за кооперативна и сеопфатна безбедност, беше сериозно тестирана во реалноста, а најмногу директно почувствувана од украинските граѓани. Воената агресија на Руската Федерација против Украина продолжи со несмален интензитет и разорувачки последици, потврдувајќи ја својата неоправданост и неправедност“,
рече тој.
Секој изминат ден и изгубени животи, додаде премиерот, се сурова потврда на оцената дека воената агресија претставува акт на флагрантно кршење на Повелбата на Обединетите нации, принципите и заложбите на ОБСЕ, како и основните премиси на меѓународното право, но пред сè на вредностите на хуманоста.
Премиерот истакна дека во рамки на нашето претседавање должно внимание се даваше и на сите замрзнати конфликти и регионални нестабилности низ ОБСЕ-регионот, како процесот за решавање на Транснистрија, ситуацијата во Јужен Кавказ и кризата во Нагорно Карабах, тензиите на северот на Косово.
„За момент да ги ставиме настрана националните агенди, за кои, меѓу другото, верувам дека најдобро можат да се реализираат преку мирољубива соработка во еден мултилатерален систем базиран на правила и почит на основните вредности и принципи. Ниту една земја, без разлика на големината и силата, во денешно време, на долг рок, не може да просперира во изолација, ниту пак сама да се справува со комплексните предизвици на 21. век“,
истакна премиерот.
Ковачевски ги поздрави гостите и рече дека му претставува чест и задоволство да се обрати на 30. Министерски совет на ОБСЕ во главниот град Скопје.
рече тој.
„Северна Македонија е позната по гостопримството и искрено се надевам дека вашите впечатоци ќе го потврдат тоа. Вложивме големи напори за да овозможиме продуктивен амбиент за овој еминентен собир на министри и високи претставници на 57-те земји учеснички и 11-те партнери за соработка, како и на генералната секретарка Хелга Шмид и претставниците на секретаријатот, парламентарното собрание, автономните институции, теренските мисии, специјалните претставници на претседавачот, како и на меѓународните организации и други релевантни учесници“,
Според премиерот, овој настан е кулминација на нашето овогодишно претседавање со ОБСЕ, кое и во редовни околности не е лесен ангажман.
„Кога во декември 2020 година со консензус ни беше доделена честа да управуваме со оваа најголема регионална безбедносна организација, тешко кој можеше да предвиди дека ќе имаме вакви турбуленции и предизвици во регионот на ОБСЕ и пошироко, како поглед на ескалација на безбедносните предизвици, така и во однос на функционалноста и иднината на самата организација“,
истакна Ковачевски.
Тој потсети дека земјава иако не беше директно дел од војните што уследија по распадот на Југославија, сепак, во декадите по независноста беше соочена со голем број предизвици како на домашен, така и на надворешнополитички план.
„Низ еден процес на созревање, го чекореше долгиот и не секогаш рамен пат на меѓународно етаблирање и зачленување во различни мултилатерални организации. Тоа понекогаш подразбираше тешки, компромисни одлуки, но вистинското лидерството подразбира континуирано барање решенија и прогрес. Така, од корисник на безбедносни и превентивни мировни мисии, денес Северна Македонија е препознаена како фактор на стабилност и активно придонесува за безбедноста во регионот и пошироко“,
посочи премиерот.
Истовремено, според премиерот, тука е и желбата да возвратиме на Организацијата, која и со својата теренска мисија од 1992 година до денес дава свој придонес во напредокот на нашето вибрантно, инклузивно и разнолико, демократско општество.
„Се надевам дека се евидентни нашите чесни напори за силно, проактивно, ангажирано и компетентно раководење со ОБСЕ, водени од стремежот да дадеме свој карактеристичен и препознатлив придонес во процесите на остварување на поголема стабилност на поширок план. И натаму истрајуваме на нашата основна определба што е единствен пат напред – да се поттикне инклузивен, суштински и отворен дијалог, заснован на основните принципи на мултилатерализмот и во срцето на нашата Организација“,
рече тој.
Ковачевски во своето обраќање заклучи дека „сите ние во ОБСЕ имаме потреба од мир, стабилност, обновена доверба и соработка“.
„Историјата ќе не суди по нашите дела“,
го заврши Ковачевски говорот.
Во рамките на Министерскиот совет ќе биде потпишана Декларација за борба против корупцијата во Југоисточна Европа преку враќање на имотот и користење дигитализација од страна на министрите за надворешни работи на Северна Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Албанија – Бујар Османи, Ивица Дачиќ, Елмедин Конаковиќ, Филип Ивановиќ и Игли Хасани.
Покрај тоа, ќе се одржат и настани посветени на обезбедување на одговорност и враќање на притворените украински цивили, како и адресирање на влијанието од климатските промени врз безбедноста на луѓето.