Како што се приближувавме кон СЦ „Борис Трајковски“, се зголемуваа и обезбедувањето и контролите. По улиците по некој пешак и забрзани возила со делегациите што учествуваат на настанот
Празни улици, полиција, хеликоптери, забрзани колони со светските делегации. Вака утрово изгледаат улиците околу салата „Борис Трајковски“ во која втор ден се одржува Министерскиот совет на Организацијата за безбедност и соработка во Европа – ОБСЕ.
Средното градежно училиште „Здравко Цветковски“ на булеварот „Партизански одреди“ е затворено, како и останатите училишта во Скопје.
Само една од трафиките во близина утрово беше отворена. Продавачот замислено гледаше низ отворот на трафиката кога го прашавме како тргна денот.
„Денеска ништо не работи. Ниту училиштето во близина. Децата ни прават најмногу промет. Празно е утрово. Така ќе тераме“,
рече тој.
Улицата „8 Септември“ е затворена за возила. Полицаецот што патролираше на барикадата ни рече – штом имате акредитација, слободно движете се кон спортскиот центар пеш.
Повозрасна жена, со црвен капут, која живее во скопската населба Карпош веднаш до поранешната Воена болница, а сега „8 Септември“, рече дека ќе оди на доктор. Се движеше пеш и не наиде на проблем.
„Не се движам многу. Денеска решив да одам на доктор во ‘8 Септември’. Па, ќе видам, можеби ќе завршам работа. Лично никој не ме информирал за режимот на движење. Тоа што слушам на вести. Но еве, барем пеш можам да се движам“,
рече таа.
Како што се приближувавме кон СЦ „Борис Трајковски“, се зголемувааа и обезбедувањето и контролите. По улиците по некој пешак и забрзани возила со делегациите што учествуваат на настанот.
Салата ја надлетуваат хеликоптери, наоколу има противпожарни и возила на брзата помош. Постојано поминуваат „шатл“ автобусите по строг сообраќаен режим.
Инаку, по долгата неизвесност околу доаѓањето на Лавров на Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје, тој синоќа околу 23 часот пристигна на Меѓународниот аеродром „Скопје“, каде што беше пречекан од рускиот амбасадор во земјава, Сергеј Баздникин.
(ФОТО) Лавров вечерва долета во Скопје откако Блинкен одлета, го пречека рускиот амбасадор
Авионот со кој шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров доцна синоќа допатува во Скопје за да учествува на Министерскиот совет на ОБСЕ, прелетал преку воздушниот простор на Турција и Грција, иако претходно се очекуваше маршрутата да оди преку Бугарија, јави руската државна новинска агенција ТАСС.
Лавров во Скопје дојде по завршувањето на неформалната вечера на министрите за надворешни работи и делегациите на земјите членки на ОБСЕ, која се одржа во хотелот „Александар палас“. Тој отсуствува и од заедничката фотографија на учесниците на неформалниот собир во скопскиот хотел.
Министерски совет на ОБСЕ во Скопје: Блинкен и Лавров ќе се разминат
Шефот на руската дипломатија се размина со американскиот државен секретар Ентони Блинкен, кој во Скопје пристигна вчера попладне, а по завршувањето на неформалната вечера, околу 21 часот, се упати кон скопскиот аеродром и замина од земјава, за Израел.
Покрај Блинкен, вчеравечер околу 22:30 часот од Скопје замина и британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон. Ниту шефот на европската дипломатија Жозеп Борел немаш можност да се сретне со Лавров на состанокот во Скопје бидејќи и тој рано наутро замина од земјава.
Екипата на „360 степени“ и синоќа, еден час пред почетокот на неформалната вечера која се одржа во хотелот „Александар палас“, направи обиколка по „Илинденска“ со цел да видиме до каде можевме да се движиме.