Блинкен рече дека ќе биде фокусиран на продолжување на паузата во борбите во Газа „за да може да се продолжи со извлекување на повеќе заложници и да се носи повеќе хуманитарна помош“
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен моментално е на пат за Израел бидејќи примирјето меѓу Израел и Хамас истекува утре наутро.
Блинкен рече дека ќе биде фокусиран на продолжување на паузата во борбите во Газа „за да може да се продолжи со извлекување на повеќе заложници и да се носи повеќе хуманитарна помош“.
„Би сакале паузата да биде продолжена бидејќи она што овозможи, пред сè, беше ослободување на заложници и нивното повторно обединување со нивните семејства. Исто така, ни овозможи да доставиме хуманитарна помош за луѓето во Газа на кои очајно им е потребна. Продолжувањето на прекинот на огнот значи дека повеќе заложници ќе се вратат дома и дека повеќе помош ќе влезе во Газа“,
рече американскиот државен секретар.
Тој изрази уверување и дека продолжувањето на паузата е нешто што Израел го сака бидејќи „тие исто така се интензивно фокусирани на враќање на луѓето дома“. Блинкен рече дека планира да разговара за ова прашање на неговите состаноци со израелските власти во наредните денови.
„Ќе разговараме со Израел како може да ја постигне својата цел да се осигура дека никогаш нема да се повторат терористичките напади од 7 октомври, а истовремено да ја одржува и зголеми хуманитарната помош и да ги минимизира понатамошните страдања и жртви меѓу палестинските цивили“,
рече Блинкен.
Блинкен исто така ќе отпатува и на Западниот брег, а потоа во Дубаи на климатскиот самит КОП28.
Блинкен вечерва присуствуваше на неформалната вечера на министрите за надворешни работи кои учествуваат на 30. Министерски совет на Организацијата за безбедност и соработка во Европа – ОБСЕ, чиј домаќин беше шефот на дипломатијата на Северна Македонија и претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи.

На вечерата присуствуваа министри за надворешни работи на САД, на ЕУ, на земјите членки на ЕУ, Велика Британија, на земјите партнери од Медитеранот, Блискиот Исток и од Азија.
Блинкен, како што беше најавено, го напушти Скопје веднаш по завршувањето на неформалната вечера, околу 21 часот.

Шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, пак, беше најавено дека нема да слета во Скопје пред 22:30 часот, што е по времето во кое замина американскиот државен секретар.
Тоа значи дека и покрај најавата за присуство и на американскиот и на рускиот дипломат на Министерскиот совет на ОБСЕ, тие нема да се сретнат во Скопје.
Министерски совет на ОБСЕ во Скопје: Блинкен и Лавров ќе се разминат