Во врска со случајот на својот фејсбук-профил реагираше директорот Комисијата за односи со верските заедници Даријан Сотировски, кој го осуди вандалскиот чин и ги повика СВР Тетово и Јавното обвинителство да преземат сеопфатни мерки за откривање на сторителите
Две маскирани лица го симнале знамето на Македонската православна црква – Охридска Архиеписопија (МПЦ-ОА) од јарболот во дворот на манастирскиот комплекс „Свети Наум Чудотворец“ на Попова Шапка и на негово место го поставиле знамето на Албанија.
Случајот во тетовската полицијата го пријавил претседателот на Црковниот одбор на манасатирот.
„Во 18:05 часот во СВР Тетово, свештеникот од црквата „Св.Наум Охридски Чудотворец“ лоцирана на Попова Шапка, пријавил дека од страна на НН лице од јарболот на црквата е симнато црковното знаме и е поставено знаме на Албанија“,
информира портпаролот на Секторот за внатрешни работи Тетово“, Марјан Јосифоски.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.
Настанот е снимен од камерите од видео-надзорот на манастирскиот комплекс.
Од снимката која на Фејсбук ја објави „Тетово инфо“ се гледаат две лица, од кои едното ги менува знамињата, а другото стои покрај него. Според времето забележано на снимката од видео-надзорот настанот се случил нешто по 17 часот.
Во врска со случајот на својот фејсбук-профил реагираше директорот Комисијата за односи со верските заедници Даријан Сотировски, кој го осуди вандалскиот чин и ги повика СВР Тетово и Јавното обвинителство да преземат сеопфатни мерки за откривање на сторителите.
„Елементите на кривичното дело од чл.319 на Кривичниот законик, Предизвикување на омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска или друга основа, како и кривичното дело од чл.145 на Кривичниот законик, Неповредливост на домот, мора да повлечат одговорност. Сторителите мора да бидат најстрого санкционирани. Вакво поведение е недозволиво и ги подрива сите напори за градење здрави општествени односи во нашето кревко плурално општество“,
напиша Сотировски.
На социјалната мрежа за провокацијата реагираше и пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, Александар Велјановски.
„Има ли држава и институции! Повторно сме сведоци на провокации кои доаѓаат од центри кои имаат намера да испровоцираат меѓуетнички тензии. Најостро го осудувам симнувањето на црковното знаме и подигањето на знаме на друга држава во црквата свети Наум Охридски на Попова Шапка. Истите институции и политички партии кои беа гласни за тоа што се постави крст во двор на црква на Попова Шапка што е легитимно право на една верска заедница да постави верски симбол очекувам да бидат поактивни и погласни кога спротивно на закон се спушта црковно знаме и на негово место се подига знаме на друга држава. Ќе реагираат ли веднаш институциите или уште ќе политизираат за политички поени?“,
напиша Велјановски.
Неодамна повод за политички препукувања беше 15-метарскиот крст поставен во дворот на манастирскиот комплекс на Попова Шапка, откако градоначалникот на Тетово и лидер на Беса, Билал Касами побара тој да биде отстранет.
Порака да не се подгреваат меѓуетничките тензии тогаш упати и претседателот на државата Стево Пендаровски, кој рече дека тоа е последната работа која ни треба покрај сите други проблеми.
„Лошо е како политичка пракса и како обиди на поедници или политички субјекти да на тоа ќаруваат поени. Тоа е во крајна инстанца опасно. Нема да биде дестаблизирана државата, меѓутоа можат да се влошат меѓуетничките односи меѓу етничките заедници во Македонија и тоа е последната работа која ни треба покрај сите други проблеми што ги имаме“,
изјави шефот на државата на 18 ноември.
Инаку, провокацијата се случува на Денот на албанското знаме – 28 ноември, кој вечерва беше одбележан со свечена академија во Филхармонија, под покровителство на лидерот на ДУИ Али Ахмети.