На прашањето со кого ќе коалицира доколку ВМРО-ДПМНЕ не освои доволно пратеници за самостојно да формира влада, Мицкоски вели дека шанса за коалицирање треба да ѝ се даде на албанската опозиција и укажа дека е здраво и корисно за ДУИ да помине одреден период во опозиција

Ставот на ВМРО-ДПМНЕ го кажав јавно, дека ние сме подготвени да интервенираме во Законот за Влада и во Изборниот законик и да го избришеме делот каде што стои техничка влада. Јас сè уште стојам на тој став и мислам дека со техничката влада не добива државата – напротив, губи, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во интервју за „Гласот на Америка“.
Според Мицкоски, тоа е став што го има донесено ВМРО-ДПМНЕ и додава дека доколку не се интервенира во Законот за Влада и во и Изборниот законик, ВМРО-ДПМНЕ би номинирала свои членови на кабинетот во таа техничка влада.
„Теоретски доколку се уште постои техничката влада и не се интервенира во Законот за влада и Изборниот законик, ВМРО-ДПМНЕ би номинирала свои членови на кабинетот во таа техничка влада, на техничкиот премиер во ресорите во Министерството за внатрешни работи и Министерството за труд и социјална политика и би имала свои заменици во Министерството за финансии, земјоделство и Министерството за информатичко општество и администрација“,
вели Мицкоски.
На прашањето околу изјавите на премиерот Ковачевски дека во Собранието се водат преговори со сите политички партии за датумот за изборите, Мицкоски вели дека до овој момент нема никаква официјална потврда за датумот за избори ниту, пак, има каква било потврда дали изборите би биле единечни или би биле раздвоени.
„Не би рекол дека во рамките на парламентот има какви било разговори. Разговорите, како што гледаме, и самиот Ковачевски, но и Владата ги прави преку медиумите. Таму слушнавме дека изборите би биле редовни во мај, таму слушнавме дека изборите би биле заеднички. Но, како и да е, важно е на крајот да постигнеме било каков договор кој што ќе не води кон предвидливо сценарио, а нема да не втурне во било каква уставна или политичка криза“,
додава Мицкоски.
Тој го повторува ставот на ВМРО-ДПМНЕ дека не може да си дозволиме од многу причини раздвоени избори, дека споени или заеднички избори – претседателски или парламентарни – се решение. Според него, добро е тие да бидат на почетокот на мај, а како што рече, според она што гледа и слуша од медиумите, отприлика тука конвергира ставот и на Владата.
„Ако има каква било лидерска средба, со ова решение, ние како ВМРО-ДПМНЕ сме подготвени да го прифатиме“,
додава Мицкоски.
На прашањето со кого ќе коалицира доколку ВМРО-ДПМНЕ не освои доволно пратеници за самостојно да формира влада, Мицкоски вели дека во политиката никогаш не се затвора вратата и тоа е секогаш принцип, не само во Македонија туку секаде во светот. Сепак вели дека шанса за коалицирање треба да и се даде на албанската опозиција, укажувајќи дека е здраво и корисно за ДУИ да помине одреден период во опозиција.
„Што се однесува до потенцијален коалициски партнер, многупати сум го кажал тоа дека треба да се даде шанса на албанската опозиција условно кажано во Македонија, да води ресори, да имаат одговорност во државата и да видиме со каков капацитет располага албанската, условно кажано, опозиција во Македонија, а ценам дека би било здраво и добро и корисно за ДУИ да помине одреден период во опозиција, да може да ги пронајде своите програмски начела“,
истакна Мицкоски.