Вонредна состојба е прогласена на територија на Општина Сјеница во Србија поради снегот што паѓа речиси 24 часа. На местото Рудно, на падините на Голија, како и на Гоча, наврнале од 30 до 40 сантиметри снег, а патот Преко Брдо-Одвраќеница е непрооден

Околу 500 домаќинства во Краљевац останаа без струја, телефонски приклучоци и интернет, детското одморалиште на Гоч се напојува со генератор, а проблеми со струја има и во Студеничко, јави РТС, пренесе Н1.
Снег паѓа во населбата Златибор, патиштата се проодни, но во Златибор и Нова Варош има најмногу работа за надлежните.
Ален Мушановиќ од патното претпријатие Ужице вели дека врнежите во текот на ноќта биле интензивни и дека превентивно е воведена забрана за сообраќај за камиони со приколки и влекачи.
Снегот во Сјеница паѓа речиси 24 часа, а екипите се на терен уште од синоќа и засега нема поголеми проблеми на патиштата.
Од Сјеница до Нови Пазар и Ивањица во моментов на коловозот има околу пет сантиметри снег и сите правци се проодни, изјави за агенцијата РИНА, Сенко Ибровиќ, од патното претпријатие „Нови Пазар пут“.
Критична точка при овие снежни врнежи е патот кој ги поврзува Нови Пазар и Сјеница, Дуга Полјана. Сепак, засега ситуацијата е под контрола и нема силен ветер, што го олеснува чистењето на патиштата.
Снегот предизвикал проблеми и во населбата Маскови на Ивањица, каде што сите домаќинства останале без струја и сигнали од мобилниот телефон поради дефект на репетиторот.