За многу кратко време ќе имаме Изборен законик, кој ги вклучува сите забелешки од ОБСЕ и ОДХР, и кој ќе овозможи одржување демократски избори, како што ги имавме и изминатите циклуси, за разлика од оној 11-годишен период, кои беа окарактеризирани како недемократски“, порача премиерот
Декември нуди можност да се организира средба во Собранието со парламентарните партии, на која ќе ги дефинираме сите детали околу одржувањето на изборите, порача денеска премиерот Димитар Ковачевски при посетата на компанијата „Вабтек МЗТ“ АД Скопје, одговарајќи на новинарско прашање дали се водат разговори со политичките партии во однос на одржувањето на изборите во 2024 година.

„Се водат разговори со политичките партии во однос на одржувањето на изборите во 2024 година. Во месец мај има доволно простор да се организираат редовни претседателски и парламентарни избори. Во однос на техничката влада, таа е законска обврска. На 100 дена пред одржување на изборите согласно Законот за Влада, кој е важечки во државата, има техничка влада“,
посочи Ковачевски.
Во однос на финалните одлуки, Ковачевски рече дека има две одлуки кои треба да бидат донесени во врска со одржувањето на изборите.
„Едната е промена на Изборниот законик, преку внесување на сите забелешки од ОБСЕ и ОДХР. На тоа работи работна група во која прво учествуваа експерти и претставници на политички партии во Собранието. Сега се вклучени и политички партии од Власта доминантно, но и од опозициските партии. За многу кратко време ќе имаме Изборен законик, кој ги вклучува сите забелешки од ОБСЕ и ОДХР, и кој ќе овозможи одржување на демократски избори, како што ги имавме и изминатите циклуси, за разлика од оној 11-годишен период, кои беа окарактеризирани како недемократски“,
посочи Ковачевски.
Во однос на одржување на изборите, во текот на наредниот период, Ковачевски потенцира дека декември нуди можност да се одржи средба во Собранието со парламентарните партии на која ќе ги дефинираат сите детали околу одржувањето на изборите.
„Идната година Северна Македонија оди на избори, како што е пропишано и со закон и со Устав“,
заклучи тој.
Тој не прецизира дали со ДУИ ќе настапат со заеднички листи на изборите.
„Тоа е одлука на партиите и предмет на коалициски договори и во моментов за такво нешто не можеме со сигурност да зборуваме“,
рече премиерот.