Вилдерс е меѓународно познат по неговата жестока антиисламска политика, а беше осуден од холандски судија за дискриминација откако ги навреди Мароканците на изборниот митинг во 2014 година

Холандскиот антиевропски екстремно десничарски популист Герт Вилдерс, кој вети дека ќе ја запре целата имиграција во Холандија, е во водство на денешните парламентарни избори, покажа излезната анкета.
Надминувајќи ги сите предвидувања, Партијата на слободата на Вилдерс (ПВВ) освои 35 места во 150-члениот парламент, девет места пред нејзиниот најблизок ривал, коалицијата на лабуристите и зелената левица на поранешниот еврокомесар Франс Тимерманс, покажуваат излезните анкети. Предноста на ПВВ е далеку поголема од очекуваното.
Партијата на премиерот во заминување Марк Руте, конзервативната ВВД, е на трето место со 23 пратенички места.
Тој сака да ги затвори границите
Имиграцијата – прашањето што го поттикна падот на последниот кабинет на Руте по 13 години на власт – беше клучно прашање во кампањата.
„Сега е доста. Холандија веќе не може да издржи. Сега треба прво да мислиме на сопствениот народ. Границите затворени. Нула баратели на азил“,
рече Вилдерс во телевизиска дебата пред изборите.
Вилдерс е меѓународно познат по неговата жестока антиисламска политика, а беше осуден од холандски судија за дискриминација откако ги навреди Мароканците на изборниот митинг во 2014 година.
Ќе се обиде да направи десничарска коалиција
Вилдерс најверојатно ќе ги води разговорите за формирање влада што ќе започнат во петок. Тој рече дека сака да ја води земјата, но ќе мора да работи со други партии за да формира коалиција со мнозинство во парламентот. Овој процес обично трае со месеци.
Се очекува тој да се обиде да формира десничарска влада со ВВД и со новата партија Нов социјален договор, иако преговорите би можеле да бидат тешки бидејќи двете страни рекоа дека имаат сериозни сомневања во соработката со Вилдерс, поради неговиот отворен антиисламскки став.