Ова денеска го изјави министерот за правда Кренар Лога, кој според своите неофицијални сознанија рече дека ова ќе биде датумот за одржување на двата изборни циклуса
Осми мај идната година, неофицијално, е датумот на кој ќе се одржат претстојните парламентарни и претседателски избори. Ова денеска го изјави министерот за правда Кренар Лога, кој според своите неофицијални сознанија рече дека ова ќе биде датумот за одржување на двата изборни циклуса.
„Неофицијално, јас знам дека тој датум ќе биде и официјален датум. Како и да е, ќе треба деновиве мнозинството да заземе став, а потоа и опозицијата, но верувам дека тој ќе биде датумот за двата изборни циклуса“,
рече Лога одговарајќи на новинарско прашање дали 8 мај ќе биде датум за изборите.
Изјавата на Лога следува два дена откако премиерот Димитар Ковачевски кажа оти во мај идната година ќе има доволно простор за одржување на двата изборни циклуса во редовните термини. Ковачевски не спомена потенцијален датум, велејќи дека финалните ставови по однос на ова прашање ќе бидат објавени кога парламентарните политички партии ќе постигнат поширок консензус.
По ваквата изјава на премиерот, денеска истото го повтори и првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби.
„Мислам дека сите политички партии се согласни изборите да се одржат заедно и да не бидат предвремени, затоа што во мај има простор да се одржат, согласно нашето законодавство, редовни избори, и претседателски и парламентарни, и се надевам дека во рок од неколку дена ќе се донесе заедничка одлука“,
рече Груби.
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, пак, вели дека ставот на СДСМ, од чии редови доаѓа, е дека конечно, после многу години, во државата треба да се одржат редовни парламентарни избори, а оти сè друго е работа на дискусија.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ изминатиот период интензивно повикува на одржување заеднички претседателски и парламентарни избори во мај идната година. Лидерот на партијата Христијан Мицкоски уште во октомври годинава го спомена 8 мај како едиствен датум кога може да се одржат заеднички избори во редовен термин.