Како американски претседател, Бајден вели дека нема поголем приоритет од обезбедувањето на сигурноста на Американците кои се држат како заложници низ светот и нагласи дека нема да престане додека не бидат ослободени сите
Американскиот претседател Џозеф Бајден го поздрави израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху „што обезбеди поголема хуманитарна помош да стигне до Газа како дел од договорот“.
Бајден вели дека тоа ќе ги олесни страдањата на невините палестински семејства во Газа.

Како што пренесе Би-би-си, договорот меѓу Израел и Хамас вклучува дозволување на уште стотици камиони со медицинска помош и гориво да влезат во Газа.
Бајден истакна дека за него како претседател нема поголем приоритет од обезбедувањето на сигурноста на Американците кои се држат како заложници низ светот и нагласи дека нема да престане додека не бидат ослободени сите.
„Од првите моменти на бруталниот напад на Хамас мојот тим и јас тесно соработувавме со регионалните партнери за да направиме сè што е можно за да обезбедиме ослободување на нашите сограѓани. Денешниот договор ќе донесе дома повеќе американски заложници. Го поздравувам договорот кој обезбеди ослободување на заложниците земени од Хамас за време на неговиот брутален напад против Израел на 7 октомври. Среќен сум што овие храбри души, кои претрпеа неискажливо искушение, ќе бидат повторно обединети со нивните семејства откако овој договор целосно ќе се спроведе“,
напиша Бајден на платформата Икс.
I welcome the deal to secure the release of hostages taken by Hamas during its brutal assault against Israel on October 7th.⁰⁰I’m gratified that these brave souls, who have endured an unspeakable ordeal, will be reunited with their families once this deal is fully implemented.
— President Biden (@POTUS) November 22, 2023
Израел и Хамас постигнаа договор за ослободување заложници по повеќе од шест недели интензивни борби во Газа. Согласно документот, најмалку 50 заложници, жени и деца ќе бидат ослободени во текот на четири дена, при што ќе има пауза во борбите.
Ослободувањето на секои дополнителни 10 заложници ќе резултира со по уште еден ден пауза.
Владата на Израел сепак нагласува дека војната ќе продолжи додека не се вратат дома сите заложници, додека не се заврши елиминацијата на Хамас и да се обезбеди дека нема да има нова закана за државата Израел од Газа.