Шефот на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус, изјави дека 31 бебе на кои состојбата им била многу лоша биле евакуирани, заедно со шест здравствени работници и 10 члена на семејствата

Вкупно 31 предвремено родено бебе се безбедно пренесени од главната болница во Газа во друга на југот и денеска ќе бидат префрлени во Египет, соопштуваат здравствените власти.
Лекарите од болницата „Ал Шифа“ изминатиот период новороденчињата се обидуваа да ги загреат и ги ставаа неколку од нив во еден кревет. Немањето струја ја прекина работата на инкубаторите и другата опрема, а болниците се борат и со недостиг на храна, вода и медицински материјали.
Шефот на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус, изјави дека 31 бебе на кои состојбата им била многу лоша биле евакуирани, заедно со шест здравствени работници и 10 члена на семејствата.
Бебињата биле пренесени со шест амбулантни возила на палестинската Црвена полумесечина. Тие биле однесени во породилната болница „Ал Хелал“ во градот Рафах, каде што им е овозможена итна нега на одделот за неонатална интензивна нега.
.@WHO has led a second @UN and @PalestineRCS mission to Al-Shifa Hospital in #Gaza today, under extremely intense and high-risk security conditions.
— Tedros Adhanom Ghebreyesus (@DrTedros) November 19, 2023
31 very sick babies were evacuated, along with 6 health workers and 10 staff family members.
6 Palestine Red Crescent ambulances… pic.twitter.com/YJc25M0vnc
Официјален претставник на ОН рече дека бебињата се изложени на ризик од сериозни инфекции, а 11 се во критична состојба.
Шефот на СЗО вели дека се планираат натамошни акции за итно транспортирање на преостанатите пациенти и здравствениот персонал надвор од болницата „Ал Шифа“. Во болницата, како што велат од СЗО, 291 пациент сè уште се таму, вклучувајќи бебиња, пациенти со повреди со сериозно инфицирани рани и други со повреди на ‘рбетот кои не можеле да се движат.
„Длабоко сме трогнати и импресионирани од извонредната храброст и услуга на здравствените работници во Газа, кои продолжуваат да служат во најтешки околности“,
вели Тедрос Аданом Гебрејесус.
Заеднички тим на Обединетите нации предводен од СЗО, во саботата, околу еден час престојувал во болницата проценувајќи ја состојбата по влегувањето на израелската војска во комплексот и евакуацијата на дел од медицинскиот персонал, пациенти и бегалци засолнети во неа, пренесува Би-би-си. Тимот наишол на масовна гробница на влезот во болницата и му било кажано дека во него се наоѓаат посмртните останки на 80 луѓе.