Амбасадорката Агелер на својот профил на платформата „Икс“ информираше за средбата со новинарите и рече дека ја препознава нивната напорна работа со цел да ги информираат граѓаните на Северна Македонија
Новинарите на Истражувачка репортерска лабораторија (ИРЛ) денеска во просториите на Амбасадата имаа средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави (САД) во државава, Ангела Прајс Агелер.

Амбасадорката Агелер на својот профил на платформата Икс информираше за средбата со новинарите.
„Со задоволство денеска ја пречекуваме ‘групата’ новинари, уредници и вработените во ИРЛ Македонија. Ја препознаваме нивната напорна работа, со цел да ги информираат граѓаните во Северна Македонија за да ги разберат настаните и силите кои ги обликуваат нивните животи“,
напиша Агелер на платформата Икс.
На официјалниот фејсбук-профил на американската амбасада во земјава пишува дека амбасадорката ги пречека новинарите на ИРЛ и им дала признание за нивната работа.
„Амбасадорката Агелер ги поздрави уредниците, новинарите и вработените во ‘Истражувачката репортерска лабораторија Македонија’ денес во Амбасадата на САД и им оддаде признание за напорната работа што ја прават новинарите во Северна Македонија и ширум светот, со цел да ги информираат граѓаните и да се уверат дека демократијата работи и испорачува за луѓето: Истражувачкото новинарство е критика на општеството и темел на новинарството. Слободата на медиумите е од суштинско значење за граѓаните да ги разберат настаните и силите кои ги обликуваат нивните животи“,
пишува во соопштението од Амбасадата.

Delighted to welcome the “group” of journalists, editors & staff @IRLMacedonia today at the U.S. Embassy & recognize their hard work to provide the people of North Macedonia the information they need to understand events and forces that shape their lives. pic.twitter.com/rWk91iRUin
— Ambassador Angela Aggeler (@USAmbNMacedonia) November 15, 2023
Инаку, ИРЛ изминатиот период е актуелна по пресудата во случајот „Фероинвест против ИРЛ“, со која се спори статусот на новинарите во ИРЛ и тврди дека ИРЛ не е медиум, односно ИРЛ не е здружение за „новинарски известувања“, дека нема ниту својство на медиум, како средство за јавно информирање според Законот за медиуми, a неговите членови немаат својство на новинари, ниту можат, заради известување на јавноста, да прават новинарски обликувани емисии, да се претставуваат како новинари или да се занимаваат со жанрот истражувачко новинарство и сето тоа да го објавуваат преку средствата за јавно информирање.
Според пресудата, ИРЛ и Цветковска се одговорни за клевета, со изнесување невистинити факти во првата епизода од истражувањето „Заговор против воздухот“ емитувана на 16 мај 2021 година на МРТ.
Здружението на новинарите (ЗНМ) најави дека за оваа судска постапка ќе иницира пријава до Платформата на Советот на Европа за промовирање на заштитата на новинарството и безбедноста на новинарите. Платформата известува за сериозни закани за безбедноста на новинарите и слободата на медиумите во Европа, а со цел да се зајакне одговорот на Советот на Европа на заканите и одговорноста на земјите членки.

Од ЗНМ велат дека за сторијата „Заговор против воздухот“, која беше емитувана и на МРТВ, ИРЛ добила две новинарски награди, а Советот на честа и Советот за етика, по претходни претставки, донел одлуки дека овој медиумски производ е во согласност со Етичкиот кодекс на новинарите.
Потсетуваат дека на 19. октомври поднеле претставка до Судскиот совет за судијката Спировска-Панева за неправедно исклучување на јавност од рочиште за оваа судска постапка.
Во претставката се бара одговорност од судијката за постапката, а од Судскиот совет на РСМ да поведе постапка за утврдување дисциплинска одговорност согласно доставените докази и посочените законски одредби против судијката Јованка Спировска-Панева.