Во согласност со трите партии – Демокрстско движење, Алтернатива и Беса, за координатор на пратеничката група е избрана Сафије Садики-Шаини од Алтернатива, а нејзина заменичка ќе биде Мерита Колчи Коџаџику од редовите на Демократско движење
Пратениците од албанскиот опозициски блок – Демократско движење, Беса и Алтернатива, кои неодамна ја формираа коалицијата „Европски сојуз за промени“, денеска на прес-конференција најавија дека отсега во Собранието ќе дејствуваат во рамки на заедничка пратеничка група.
Во согласност со трите партии, за координатор на пратеничката група е избрана Сафије Садики-Шаини од Алтернатива, а нејзина заменичка ќе биде Мерита Колчи Коџаџику од редовите на Демократско движење.
За ваквата одлука, пратениците денеска го известиле собранискиот спикер Талат Џафери.
„На овој начин ‘Европскиот сојуз за промени’ цели да искористи сите можности кои ги нуди Деловникот на Собранието за пратеничките групи. Иако пратеничкиот мандат е при крај, сметаме дека има многу отворени прашања и процеси поврзани со европската иднина на земјата за што Сојузот е сериозно заинтересиран да помогне. Вовој правец формирањето на пратеничката група ќе биде додадена вредност на оваа соработка“,
изјави на денешната прес-конференција лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, придружуван од лидерите на останатите две партии, Изет Меџити и Билал Касами.
Освен што најавија дека заеднички ќе дејствуваат во законодавниот дом, пратениците од „Европскиот сојуз за промени“ ги повикаа сите пратеници кои сакаат, да се приклучат кон нивната пратеничка група.
„Одлучни сме оваа битка да ја водиме сè до целосното ослободување на Албанците од режимот на ДУИ и од нивните чираци. Овој пат ништо не нè обесхрабрува. Напротив, колку повеќе сметаат дека нè напаѓаат и попречуваат – само не прави посилни“,
додаде Гаши.
Алтернатива, Беса и Демократско движење на 5 ноември ја формираа коалицијата „Европски сојуз за промени“.
Според Деловникот за работа на Собранието, пратеничка група може да сочинуваат најмалку пет пратеника кои припаѓаат на една или на повеќе политички партии.