Во изјава за Си-ен-ен, Нетанјаху рече дека 100 или повеќе луѓе се евакуирани од „Ал Шифа“ и дека Израел воспоставил безбедносни коридори. Сепак, потсекретарот на Министерството за здравство на Газа, Мунир ал Бурш, изјави дека израелските снајперисти распоредени околу болницата пукаат во сè што се движи
Здравствените власти и заробени, односно кои се наоѓаат во најголемата болница во Газа, „Ал Шифа“, велат дека борбите во близина на објектот и понатаму продолжуваат, додека инкубаторите повеќе не работат поради прекин на електричната енергија, а резервите се при крај, јавуваат светските агенции.

Тие ги отфрлаат тврдењата на Израел дека помогнал во евакуација на бебиња и други луѓе од болницата вчера.
Генералниот секретар на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус, синоќа соопшти дека успеале да ја вратат комуникацијата со здравствените работници во болницата.
„Постојаните пукотници и бомбардирањата во областа ги влошија и онака критичните околности. Трагично, бројот на смртни случаи на пациенти значително се зголеми. За жал, болницата повеќе не функционира како болница“,
напиша Гебрејесус на социјалната мрежа „Икс“ (претходно Твитер).
.@WHO has managed to get in touch with health professionals at the Al-Shifa hospital in #Gaza.
— Tedros Adhanom Ghebreyesus (@DrTedros) November 12, 2023
The situation is dire and perilous.
It’s been 3 days without electricity, without water and with very poor internet which has severely impacted our ability to provide essential…
СЗО изгуби контакт со болницата во саботата, а Министерството за здравство во Појасот Газа, кое е под контрола на Хамас, соопшти дека најголемиот болнички комплекс во палестинската енклава престанал со работа откако останал беа гориво за генераторите.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера изјави дека неговата земја ѝ понудила гориво на болницата, но Хамас одбил да го прифати, наводи кои веднаш беа демантирани од шефот на „Ал Шифа“, кој ги нарече „лага и клевета“, пренесе ДПА.
Нетанјаху ги отфрли повиците за итен прекин на огнот во Газа условувајќи го со ослободување на околу 240 заложници што ги држи Хамас, а кои беа киднапирани на 7 октомври при нападот на милитантната група на Израел што ја предизвика војната.
Еден ден откако израелскиот премиер рече дека војската влегува со „полна сила“ за да стави крај на 16-годишното владеење на Хамас во Појасот Газа, жителите на палестинската енклава пријавија силни воздушни напади, вклучително и околу болницата „Ал Шифа“, пренесува „Асошиејтед прес“ (АП).
„Тие се надвор, недалеку од портите“,
изјавил за АП Ахмед ал Бурш, жител на Газа кој нашол прибежиште во болницата.
Последниот генератор во „Ал Шифа“ остана без гориво во саботата, при што починаа три предвремено родени бебиња и четворица други пациенти, соопшти Министерството за здравство на Газа додавајќи дека уште 36 бебиња се загрозени.
Израелската војска тврди дека оставила 300 литри гориво во текот на ноќта во близина на болницата за генераторите што ги напојуваат инкубаторите за предвремено родени бебиња и го координирале породувањето со болничките службеници. Но, според израелската војска Хамас спречил болницата да го добие горивото.
Портпаролот на Министерството за здравство, Ашраф ал Кидра, ги оспори ваквите наводи изјавувајќи за Ал џезеира дека горивото нема да биде доволно за еден час работа на генераторот.
„Ова е исмејување на пациентите и децата“,
рече Ал Кидра.
Во изјава за Си-ен-ен, Нетанјаху рече дека 100 или повеќе луѓе се евакуирани од „Ал Шифа“ и дека Израел воспоставил безбедносни коридори.
Сепак, потсекретарот на Министерството за здравство на Газа, Мунир ал Бурш, изјави дека израелските снајперисти распоредени околу болницата пукаат во се што се движи, пренесува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа.
Хуманитарната организација „Медицинска помош за Палестинците“ со седиште во Велика Британија, која ја поддржува работата на одделот за интензивна нега во „Ал Шифа“, соопшти дека префрлањето на критично болните бебиња е мошне сложено.
„Бидејќи возилата на итната помош не можат да стигнат до болницата… и нема болница којашто може да ги прими, нема индикации како тоа може да се направи безбедно“,
изјавила извршната директорка на организацијата Мелани Вард додавајќи дека единствената опција е Израел да ги запре нападите и да достави гориво до болницата.
Министерството за здравство во Газа, под контрола на Хамас, соопшти дека во болничкиот комплекс има1 500 пациенти, заедно со 1 500 медицински персонал и меѓу 15 000 и 20 000 луѓе кои таму побарале засолниште.
Претседателот на „Лекари без граници“, Христос Кристоу, за Си-би-ес изјави дека ќе бидат потребни недели за да се евакуираат пациентите.