Според Агенцијата, објавувањето уреднички обликувани содржини, во кои не се прекршени професионалните новинарски стандарди кои притоа се емитувани и на јавниот сервис, е во насока на остварување на слободата на говор и слободата на информирање и зачувувањето на интересот на граѓаните

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) се приклучува кон реакциите во врска со судската пресуда донесена од судијката Јованка Спировска-Панева во случајот „Фероинвест против ИРЛ“ за сторијата „Заговор против воздухот“.
Во реакцијата од АВМУ се вели оти слободата на изразување е уставно гарантирана категорија и како таква е неприкосновена. Оваа слобода, додаваат од АВМУ, може да биде ограничена само во одредени, точно определени случаи кога се загрозува јавната безбедност и мир, јавното здравје и слично.
„Граѓаните имаат право да бидат објективно, навремено и точно информирани за сите прашања кои се од исклучителна важност и се однесуваат на јавниот интерес и остварувањето на ова право треба да биде поттикнувано и охрабрувано од сите релевантни чинители во општеството“,
се наведува во реакцијата од АВМУ.
Според Агенцијата, објавувањето уреднички обликувани содржини, во кои не се прекршени професионалните новинарски стандарди кои притоа се емитувани и на јавниот сервис, е во насока на остварување на слободата на говор и слободата на информирање и зачувувањето на интересот на граѓаните.
Содржината на пресудата на судијката Јованка Спировска-Панева, која одлучуваше во случајот „Фероинвест против ИРЛ“, според која ИРЛ не е медиум и може да се соочи со забрана за работа, изминатите два дена наиде на силни реакции од новинарските здруженија, претседателот на државата и вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска.
Грковска, во објава на својот фејсбук-профил, пишува дека слободата на изразување, јавниот интерес и слободните медиуми се врвен приоритет за едно општество. Тие, според неа, не смеат да бидат загрозени ниту попречувани на каков било начин.
Во реакцијата од претседателот Стево Пендаровски се вели дека слободата на медиумите е директно поврзана со степенот на демократијата во едно општество и со заштитата на јавниот интерес, а новинарството е слободна и независна професија и како таква е потребно да подлежи на саморегулација од страна на медиумските тела и организации, додека пак јавноста има право да биде навремено и точно информирана за сите важни прашања кои го опфаќаат јавниот интерес.
Вчера, реакции имаше од повеќе новинари од повеќе редакции, кои во изјави за ИРЛ реагираат на скандалозната пресуда на Основниот граѓански суд Скопје во случајот „Фероинвест против ИРЛ“ во која се вели дека ИРЛ нема својство на медиум, како средство за јавно информирање според Законот за медиуми, a неговите членови (на Здружението) немаат својство на новинари, ниту можат да се претставуваат како новинари или да се занимаваат со истражувачко новинарство и сето тоа да го објавуваат преку средствата за јавно информирање.
Самостојниот синдикат на новинари на Македонија (ССНМ) како главни спорни точки во пресудата ги гледа деловите – „ИРЛ нема својство на медиум“, „членовите на ИРЛ немаат својство на новинари“, дека тие не смеат да објавуваат новинарски емисии ниту, пак, да се претставуваат како новинари и да се занимаваат со жанрот истражувачко новинарство. Со ваквите квалификации, велат од ССНМ во реакцијата, со заклучок дека ИРЛ воопшто не смеела да го објави истражувањето, претставува тежок преседан и удар на слободата на изразување и слободата на медиумите и води кон потенцијална цензура.
Од Здружението на новинарите на Македонија уште во петокот остро реагираа на објавеното писмено образложение на пресудата.
ЗНМ за оваа судска постапка ќе иницира пријава до Платформата на Советот на Европа за промовирање на заштитата на новинарството и безбедноста на новинарите. Платформата известува за сериозни закани за безбедноста на новинарите и слободата на медиумите во Европа, а со цел да се зајакне одговорот на Советот на Европа на заканите и одговорноста на земјите членки.