Последното скалило од оценките на ЕК е дека одиме назад. Значи ова е аларм со сите црвени светла. Значи или ќе се одбиеме од дното да зачекориме по вистински пат или ќе продолжиме да тонеме и тогаш веќе ќе забележат дека одиме назад, вели претседателката на ДКСК

Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Билјана Ивановска смета дека власта треба да одговори за оценките во Извештајот на ЕК дека нема прогрес во борбата против корупцијата и исполнетоста на само 10 проценти од препораките на Антикорупциската комисија.
Ивановска, во вечерашното гостување во Тема на денот на Сител ТВ, вели дека последното скалило од оценките на ЕК е дека одиме назад и тоа, според неа, значи дека е аларм со сите црвени светла.
„Значи или ќе се одбиеме од дното да зачекориме по вистински пат или ќе продолжиме да тонеме и тогаш веќе ќе забележат дека одиме назад“,
вели Ивановска.
Таа рече дека ДКСК има отворено повеќе предмети и говорено за повеќе појави кои што, како што вели, му тежат на ова општество.
„Направивме повеќе анализи од кои што излегоа повеќе препораки и тие беа упатени до соодветните институции кои што требаше да ги имплементираат. Но, за жал, имплементацијата на нашите препораки е на многу ниско ниво, не е ниту една третина. Од друга страна, подготвивме и Национална стратегија, имавме стратешки пристап во борбата против корупцијата, бидејќи сме превентивен орган. Во таа национална стратегија ги детектиравме проблемите, мерките, активностите кои што одредени институции требаше да ги споведат и точно се знаеше кој, кога и што треба да направи. За жал извештаите што ги направивме за 2021 и 2022 година покажуваат дека 20, односно 10 проценти од активностите се спроведени што е многу ниско ниво, или нема прогрес“,
рече Ивановска.
Прашана кој е мотивот на ДКСК да продолжи со работа, ако со измените на Кривичниот законик дојде до застарување на повеќе случаи на висока корупција и злоупотреба на службена положба, Ивановска подвлекува дека Антикорупциска е превентивен орган и не е нивна работа да судат, ниту да делуваат репресивно, туку, вели, тие се „доктори за систематски преглед“.
„Не може некој што прави систематски преглед да биде и хирург. Хирургот е обвинителот, односно судијата. Од тука сакам да кажам дека е неминовно да постојат вакви институции кои што ќе укажуваат, но системот е поставен така што остануваат понатаму во синџирот други институции што треба да постапуваат по нашите укажувања. Крајната цел на нашата работа е подобрување на системот на контроли, намалување на ризиците од корупција“,
додаде таа.
Во Националната стратегија, како што рече Ивановска, детектирани се ризиците од корупција, а најсилен ризик од корупција е политичкото влијание. Кога политичкото влијание би се намалило, вели Ивановска, би оставило простор да дишат институциите. Тоа, според неа, значи вработување и определување на висока раководна структура по институциите врз основа на мерит и ветинг систем, а не врз основа на диксреционите овластувања кои црпат моќ од политичките ситуации.
Таа потврди дека правосудството како ризичен сектор е дел од Националната стратегија за борба против корупцијата на ДКСК, и посочи на резултатите од нивната анализа за корупцијата во овој сектор, од која вели, произлегоа значајни резултати меѓу кои влијанија врз судиите од судии на повисок ранг – претседатели на судови и членовите на Судскиот совет, како и недостиг на интегритет на Судскиот совет, врз основа на кои се предвидени соодветни чекори.
Во однос на соработката со Обвинителството, Антикорупциска во својот мандат вели досега има доставено 50 иницијативи за кривично гонење, а не е процесуирана ниту една. А тоа е случајот и со над 200 иницијативи од 21- годишното постоење на ДКСК, освен за предметот „Бачило“. Но вели, секој треба да си постапува согласно надлежностите, а тие ќе ја продолжат соработката со Обвинителството.
Ивановска се согласува во однос на констатациите во Извештајот на ЕК за потребата од кадровско, експертско и буџетско јакнење на капацитетите на ДКСК, а во однос на законот кој ја регулира нивната работа, смета дека е потребно негово извесно допрецизирање.
„Нашиот закон може треба да претрпи некои промени кои што би се однесувале на допрецизирање на одрдени недиоречености за да може Комисијата попрецизно да постапува. Во однос на капацитетите на институцијата, имајќи во предвид дека во Законот има многу надлежности на Комисијата, и дека таа го спроведува и Законот за лобирање и Законот за заштита на укажувачите, што значи дека иако ние ги зголемивме капацитетите за повеќе од 100 отсто, значи затекнати 22, а сега имаме речиси 50 вработени, потребна е и нова систематизација која реално ќе ги одразува потребите“,
вели Ивановска.
За новиот состав на ДКСК за кој е веќе распишан оглас, Ивановска упати порака да го почитуваат принципот на интегритет.
„Постигнавме важни работи, не успеавме да направиме се, но поставивме добри осноси за да продолжат понатаму“,
вели Ивановска.