Новинари од повеќе редакции во изјави за ИРЛ реагираат на скандалозната пресуда на Основниот граѓански суд Скопје во случајот „Фероинвест против ИРЛ“ во која се вели дека ИРЛ нема својство на медиум, како средство за јавно информирање според Законот за медиуми, a неговите членови (на Здружението) немаат својство на новинари, ниту можат да се претставуваат како новинари или да се занимаваат со истражувачко новинарство и сето тоа да го објавуваат преку средствата за јавно информирање
Не запираат реакциите по објавувањето на писменото образложение на пресудата во случајот „Фероинвест против ИРЛ“, која веќе заработи оцена дека е скандалозна од повеќе релевантни инстанци. Пресудата го спори статусот на новинарите во ИРЛ и тврди дека ИРЛ не е медиум, односно ИРЛ не е здружение за „новинарски известувања“, дека нема ниту својство на медиум, како средство за јавно информирање според Законот за медиуми, a неговите членови немаат својство на новинари, ниту можат, заради известување на јавноста, да прават новинарски обликувани емисии, да се претставуваат како новинари или да се бават со жанрот истражувачко новинарство и сето тоа да го објавуваат преку средствата за јавно информирање.

Уредничката од БИРН Македонија, Тамара Чаусидис, вели дека самата пресуда на судот е скандалозна бидејќи на тој начин тие се обиделе да го делегитимираат новинарството со тврдење дека невладина организација нема право да практикува новинарство. Дополнително, Чаусидис вели дека овој дефект не лежи во интелектот на поединечни судии, туку во нивното чувство дека сѐ може да помине доколку се нареди доволно долга низа на апсурди и се повикуваат на закон.
„Не е точно дека Законот за медиуми ‘изричито наведува дека медиуми меѓу друго не претставуваат здруженијата’. Тоа напросто не пишува во Законот. Оттаму главната теза на пресудата не е ништо друго туку обид да се воведе некакво ново ‘лиценцирање’ на медиумите, овој пат од страна на судот. Фактот дека таквиот обид не е особено интелигентен, не го прави безопасен“,
вели Чаусидис во изјава за ИРЛ.
Новинарката и уредничка во „Независен весник“, Слободанка Јовановска, вели дека како дополнителен проблем со оваа скандалозна одлука на судот се јавува и негативната забелешка од меѓународниот фактор кој ја следи слободата на говорот и улогата на судот кој постојано е мета на критики и од внатре и од надвор.
„Судијката Јованка Спировска Панева со оваа пресуда сака да укине медиум. Такво нешто не се случило на нашиве простори од 1945 година, ниту било која демократска држава. Ова многу потсетува на руската и унгарската практика воведена со регулативата за соработка со странски агенти, кога сите што работат со грантови и проекти се санкционирани. Уште ова им требаше за извештајот од Европската комисија“,
вели Слободанка Јовановска.

Главниот и одговорен уредник на „360 степени“, Васко Попетревски, изјави дека самото тоа што „спорната“ емисија е емитувана на јавниот сервис е доволен показател дека ова е медиумски производ, а ИРЛ новинарска организација.
„Производот е емитуван на медиум и тоа не на кој било медиум, туку на јавниот радиодифузен сервис. Тој медиум има одговорен уредник, кој проценил дека содржината ги исполнува потребните професионални стандарди и ги почитува одредбите од Кодексот на новинари, и решил да го објави. Уште еднаш ќе повторам – на медиум. Така што, обидите емитуваната содржина да се сведе на неновинарска и немедиумска, од една страна, е смешна, но од друга – опасна, иако најверојатно целта на тој пристап е да се избегне примена на праксата на Европскиот суд за човекови права, која би одела во полза на ИРЛ. Новинарската работа на ИРЛ досега е признаена не само во домашната, туку и во меѓународната новинарска заедница, за што производите на оваа редакција имаат добиено бројни престижни домашни и меѓународни новинарски награди. Пресудата е опасна и не смее да се премолчи затоа што, на мала врата, се обидува да промовира „лиценцирање“ за тоа кој е новинар, и тоа од државна институција, што го нема во ниедна демократска земја. Ако има релевантна инстанца во земјава која одредува кој е новинар, тогаш тоа, дефинитивно, е Здружението на новинарите“,
кажа Васко Попетревски.
Тој посочува и ситуација во која „360 степени“ и тој лично се тужени за навреда и клевета.
„За апсурдот да биде поголем, пред само неколку дена, лично јас, добив пресуда од истиот суд – Основниот граѓански суд Скопје, во постапка во која бев тужен за навреда и клевета како главен и одговорен уредник на интернет-порталот ‘360stepeni.mk’ чиј издавач е Друштвото за аудио и видеопродукција ‘360 степени’ ДОО – Скопје. Тужбата против, внимавајте – Друштвото за аудио и видеопродукција ‘360 степени’ ДОО и против мене, се отфрла, а никаде во образложението не се тврди дека порталот не е медиум, дека Друштвото ‘360 степени’ ДОО не може да произведува новинарска содржина, ниту, пак, дека јас не можам да се занимавам со новинарска работа. Искрено, се надевам дека целата новинарска заедница ќе биде (едно)гласна во овој случај, зашто ова не смее да помине“,
порачува Попетревски.
Бојан Шашевски од Радио МОФ изјави дека наместо судот да охрабрува и поттикнува истражувачко новинарство, тој казнува, со што ваквите пресуди влијаат и на сите останати медиуми да се самоцензурираат и самонегираат.
„Ова не е притисок и обезвреднување на работата на ИРЛ, туку и на пошироката новинарска заедница, која треба да има поголемо ниво на толеранција и заштита од правосудството, особено од функционери и економски моќници. Улогата на новинарите е да бидат заштници на јавниот интерес, а судовите да помагаат, а не да одмагаат во тој процес. Судот треба да го охрабрува критикувачот, а не критикуваниот. Нивото на критика кон моќниците мора да биде одржано, за да може да се одржува јавното добро и демократските процеси. Инаку, отидовме јабана. Ако тој синџир се раскине, тоа да може да влијае и врз другите колеги, без разлика дали работат во онлајн или офлајн медиуми“,
вели Бојан Шашевски од радио МОФ.
Реакции стигнаа и од Здружението на новинари на Македонија и од претседателот Стево Пендаровски.