Рано утринава во 6 часот и 15 минути, хрватскиот министер Марио Баножиќ учествувал во сообраќајна несреќа на излезот од Винковци. Во судирот загина едно лице, а министерот е пренесен во болница со тешки телесни повреди и моментално е на одделот за интензивна нега
Во раните утрински часови министерот Баножиќ со своето приватно возило се судрил со комбе во кое се превезувало едно лице и кое загинало на местото на несреќата. Министерот, со тешки телесни повреди, е пренесен во жупанската болница во Винковци, а директорот на болницата изјави дека по сите тестирања кои ги направиле, утврдиле дека ќе биде потребен дополнителен неврохируршки надзор и затоа ќе биде преместен во клиничкиот болнички центар во Осиек.
„Ние во нашата болница немаме оддел за неврохирургија, па затоа поради повредите на главата тој ќе биде пренесен во Осиек за понатамошен надзор. Инаку, тој е при свест, има повреди на главата и мозокот, но контактибилен е, не изгуби свест, така што комуникацијата со него е тешка, но тоа е разбирливо со оглед на неговите повреди“,
рече директорот Шпочиќ за ХРТ.
Од министерството за одбрана и портпаролот на владата кажаа дека е во тек увид на несреќата и изразија сочувство до семејството на загинатиот, а воедно најавија дека повеќе детали ќе соопштат во текот на денот.