Коалицијата „Европски сојуз за промени“, која ја сочинуваат Алтернатива, Беса и Демократско движење со денешната прес-конференција се надоврза на обвинувањата меѓу власта и опозицијата за тоа кој е виновникот за лошите состојби во клучни области нотирани во најновиот Извештај на ЕК за С Македонија
Извештајот на Европската комисија (ЕК) за 2023 година е најнегативниот за земјава досега, рече пратеничката во Собранието од редовите на опозициската Алтернатива, Сафије Садики Шаини на прес-конференцијата со нејзините колеги од Беса и Демократско движење кои ја сочинуваат коалицијата „Европски сојуз за промени“.
Осврнувајќи се на лошите оценки во Извештајот за состојбите во судството и борбата против корупцијата, пратеничката истакна дека јавноста уште еднаш можела да се увери дека интеграцијата во Европската Унија веќе не е приоритет за оваа влада.
„Во време кога граѓаните чекаат добри вести од Брисел за отворање на преговорите и членство во ЕУ, токму Европската комисија е таа која во својот последен извештај дава оценка дека Северна Македонија стои многу лошо во поглед на судството и борбата против корупцијата. Секако, оваа е жална вест за граѓаните на нашата земја, иако не е нова вест за нас. Коалицијата ’Европски сојуз за промени’ веќе подолго време предупредува дека интеграцијата во ЕУ за оваа влада не е примарен фокус и дека таа е зафатена со бизнисите на игрите на среќа, како и со зголемување на нивото на корупцијата. Се разбира, власта отсекогаш имала објаснувања дека нашата позиција се должи на политичката опоненција, во која и амбасадорите на земјите од ЕУ, а сега и самата Европска комисија тврдат дека Северна Македонија стои лошо во областа на независноста на судството, нагласувајќи го контроверзното разрешување на првиот човек на Судскиот совет“,
рече Шаини, пренесува МИА.
Надоврзувајќи се во таа насока, таа нагласи дека авторот и виновник за оваа состојба не е анонимен, туку се наоѓа во Владата составена од, како што рече, триото СДСМ–ДУИ–Алијанса за Албанците. Во тој контекст, таа се осврна на измените последните измени на Кривичниот законик.
„Коалицијата ’Европски сојуз за промени’ изразува жалење што имаше право кога реагиравме на начинот на кој беа направени измените во Кривичниот законик. И покрај тоа што политичарите од власта се обидоа да ја изманипулираат јавноста на оваа тема. Европската комисија укажува дека начинот на кој е усвоен овој Законик, намалувањето на казните за одредени кривични дела и можноста со овие измени да застаруваат многу предмети од поранешното Специјално јавно обвинителство, се во спротивност со стандардите на правосудството на ЕУ“,
рече пратеничката Шаини.
Таа потсети и на нивниот предлог за уставно санкционирање на предметите на политичка корупција, со што тие никогаш не би можеле да застарат, решение кое, како што додаде, не било прифатено од власта.
„Наместо да го прифати нашиот предлог, Владата го смени Кривичниот законик со кој секојдневно застаруваат предметите на Никола Груевски, Гордана Јанкуловска, Сашо Мијалков и други криминалци. Истакнувајќи дека ова е најнегативниот Извештај кој го имала Северна Македонија од Европската Унија и уште еднаш констатираме дека оваа влада која мисли само за власт, а не за државата – е најантиевропската влада по 2017 година и затоа треба што поскоро да се делегитимира. Инаку, станува сè поопасно. Како и да е, тоа ќе се случи – ако не порано, секако на следните парламентарни избори“,
рече Шаини.
Нејзиниот колега од Движењето Беса, Фадил Зендели нагласи дека токму поради негативните состојби нотирани во Извештајот на ЕК, тие излегле од Владата.
„Токму поради овие причини не сме дел од власта, затоа што не се согласувавме со сите тие политики кои се водеа и во Собранието и во Владата. И затоа сме во опозиција. Сметаме дека овој Извештај на ЕК е еден од најнегативните извештаи кои ги имала Република Северна Македонија. Ние цело време се спротивставуваме на овие политики. Вие сте сведоци дека се спротивставуваме на политиките кои се водат во Собранието. Во Извештајот ќе видите дека најнегативните елементи што ги има се однесуваат на последниот период на функционирање на Собранието“,
рече Зендели.
Осврнувајќи се на употребата на европското знаменце, тој истакна дека тоа е една слабост која се повторува и дека со години дебатираат за проблемот, но никако да најдат начин како да се стави крај на неговата злоупотреба.
„Со новиот Деловник кој е во постапка на донесување и кој ќе се применува од наредниот мандат во Собранието, веројатно ќе имаме една пофункционална и подобра ситуација во однос по ова прашање“,
рече пратеникот на Беса, Фадил Зендели.
Инаку, коалицијата „Европски сојуз за промени“ со денешната прес-конференција се надоврза на обвинувањата меѓу власта и опозицијата за тоа кој е виновникот за лошите состојби во клучни области нотирани во најновиот Извештај на ЕК за С Македонија.
За владејачкиот СДСМ Извештајот ги потврдил фактите дека опозициските ВМРО-ДПМНЕ, нејзиниот лидер Христијан Мицкоски и Левица се кочничари на напредокот кон ЕУ.
„Клучниот проблем за извештајот на Европската комисија и забелешките во него е тоа што Собранието е блокирано од страна на опозицијата. Се укажува на потребата да се донесат уставните измени и реформите за ЕУ кои ги блокираат токму Мицкоски ДПМНЕ. Блокадата на ДПМНЕ и Левица е и за поглавјата кои се однесуваат на борбата против корупцијата, што значи ДПМНЕ беше и останува против правдата“,
рече вчера портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Одраз на тажната реалност – вака опозициската ВМРО-ДПМНЕ го оцени извештајот на Европската комисија (ЕК) за напредокот на земјава во 2023 година, обвинувајќи ја власта дека не се посветува на реформите, туку дека е насочена кон стратегиски погрешни цели.
„Наместо владеење на правото, имаме владеење на самоволието. Наместо силна реформа имаме уназадени институции. Наместо напредок, имаме порази. Власта на СДС и ДУИ е разобличена, проблемот зошто Македонија не почнува преговори не се штетните договори или, пак, промената на Уставот под нечиј диктат, туку затоа што државата не е средена, не е вистински реформирана и затоа што наместо право и правда владее власт заглавена во криминал и корупција“,
рече вчера портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.