„Ве повикуваме да ѝ дадете на нашата нација кандидатски статус, во согласност со долгогодишните аспирации на грузиската нација и непопустливата волја на нејзиниот народ“, се вели во петицијата што грузиската претседателка ја прочитала на собирот и која ќе биде испратена до земјите членки на ЕУ кои за кандидатскиот статус на земјата треба да одлучуваат на самитот во декември
Неколку илјади Грузијци вечерва се собраа во главниот град Тбилиси за да ја изразат својата поддршка за патот на земјата кон членство во Европската Унија, откако Европската комисија (ЕК) препорача на оваа кавкаска држава да ѝ биде доделен кандидатски статус, пренесува АФП.

Имено, ЕК денеска препорача отворање на формални преговори за членство во ЕУ со Украина и Молдавија, додека на земјите членки на Унијата им предложи да ѝ дадат кандидатски статус на Грузија.
Премиерот на Грузија, Иракли Гарибашвили ѝ честитал на земјата за „историската победа“, додека претседателката на државата Саломе Зурабашвили прочитала петиција, која ќе биде отворена за потпис на граѓаните и со која се повикуваат земјите-членки на ЕУ да го поддржат предлогот на Европската комисија и да ја стават Грузија на официјалниот пат за членство.
Таа петицијата ја прочитала во нејзиното обраќање до насобраните граѓани на проевропскиот митинг кој се одржал пред претседателската палата во Тбилиси, на кој, како што може да се види од видеата објавени на социјалните мрежи се веат грузиски и знамиња на Европската Унија.
„Ве повикуваме да ѝ дадете на нашата нација кандидатски статус, во согласност со долгогодишните аспирации на грузиската нација и непопустливата волја на нејзиниот народ…Нашата иднина лежи во вас – во Европа. Оваа иднина нема алтернатива“,
се вели во петицијата, пренесе АФП.
???? The anthem of the European Union was performed in front of the President's palace in Tbilisi pic.twitter.com/p5cyz7QwRQ
— Mtavari TV (@MtavariChannel) November 8, 2023
Лидерите на земјите членки на ЕУ треба да донесат конечна одлука за доделувањето кандидатски статус на Грузија на самитот во декември.
Грузија поднесе барање за членство во ЕУ заедно со Украина и Молдавија, откако Русија лани во февруари го нападна нејзиниот западен сосед.
Лидерите на ЕУ им доделија кандидатски статус на Киев и Кишињев, но го повикаа Тбилиси прво да спроведе судски и изборни реформи, да ја подобри слободата на медиумите и да ја ограничи моќта на олигарсите.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен рече дека денешната препорака од Брисел доаѓа со предупредување до грузиската влада да ги преземе реформските чекори „кои ги одразуваат вистинските аспирации на огромното мнозинство нејзини граѓани да се приклучат на ЕУ“.
Членството во ЕУ и НАТО е запишано во грузискиот устав и е поддржано, според анкетите, од повеќе од 80 отсто од населението на земјата, пишува АФП, пренесува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа.