Тој нагласи дека нема да има прекин на огнот и нема да се дозволи достава на гориво во Појасот Газа доколку Хамас не ги ослободи заложниците
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вечерва одржа прес-конференција во Тел Авив на која соопшти дека го опколиле градот Газа.
„ИДФ дејствува внатре во градот, убивме многу терористи. Хамас сега сфати дека стигнавме до места до кои не мислеа дека ќе стигнеме. Израелските сили го уништија седиштето на Хамас, тунелите и базите ,”
рече Нетанјаху.
Тој нагласи дека нема да има прекин на огнот и нема да се дозволи достава на гориво во Појасот Газа доколку Хамас не ги ослободи заложниците.
„Нема влез за гориво, ниту за палестинските работници во Израел, ниту прекин на огнот без ослободување на нашите заложници“,
рече израелскиот премиер обраќајќи им се на Израелците.
Нетанјаху се осврна и на размената на оган со Хезболах.
„Ако Хезболах одлучи да учествува во оваа војна, ќе ја направи грешката во својот живот. Целосно ќе ја уништиме способноста на Хамас да управува со Газа. Израел нема да запре. Ги повикувам граѓаните на Газа да се евакуираат на југ. Знам дека веќе го правите тоа. Тргнете се на југ бидејќи Израел нема да запре“,
додаде Нетанјаху.
Израелската армија континуирано го бомбардира Појасот Газа како одговор на ненадејните напади на Хамас врз јужен Израел на 7 октомври.
Недостигот на гориво, поради забраната за испорака од почетокот на опсадата, доведе до затворање на основните служби, вклучително и болниците.
И портпаролот на израелската војска контраадмирал Даниел Хагари рече дека нема да има прекин на огнот бидејќи продолжува копнената офанзива во Појасот Газа.
Тој рече дека војската погодила 14 000 цели во Газа, уништила повеќе од 100 влезови во тунели и запленила 4 000 парчиња оружје, вклучително и ракети скриени во цивилната инфраструктура.