Најверојатно мерките ќе бидат објавени и ќе почнат со реализација кон средината или кон крајот на наредната недела
Освен новиот пакет антикризни мерки, Бектеши најави дека идната недела се очекува на Влада да биде усвоен и предложениот закон за нефер трговски практики, кој потоа ќе биде испратен во Собранието

Кон крајот на идната недела може да се очекува новиот пакет антикризни мерки, а откако ќе бидат усвоени, веднаш ќе почне нивната примена, најави денеска министерот за економија Крешник Бектеши.
„Пакетот антикризни мерки вчера беше споделен од Министерството за финансии со кабинетот на премиерот, со нас и со другите институции вклучени во неговото креирање. Најверојатно мерките ќе бидат објавени и ќе почнат со реализација кон средината или кон крајот на наредна недела“,
истакна Бектеши одговарајќи на новинарски прашања по денешната посетата на „Пивара Скопје“.
Освен новиот пакет антикризни мерки, Бектеши најави дека идната недела се очекува на Влада да биде усвоен и предложениот закон за нефер трговски практики, кој потоа ќе биде испратен во Собранието.
Тој рече дека до Министерството за економија веќе биле пристигнати сите забелешки и коментари од производителите, дистрибутерите и ланците супермаркети кои во координација со премиерот и со надлежните институции ќе бидат разгледани и внесени во нацрт-верзијата на законот.
„Неделава ќе имаме координација со премиерот за коментарите кои ги добивме од засегнатите страни. Ќе ги разгледаме со различни институции за да ги вклопиме во финалниот драфт на законот. Ќе одржиме и последен состанок со Стопанската комора за да видиме кои ќе бидат прифатливи и можно да се вградат во финалната верзија која ќе биде испратена во Собрание. Очекуваме во почетокот на наредната недела предложениот закон да се усвои на Влада и да се прати до Собранието. Се работи за решение кое долгорочно ќе влијае позитивно врз намалување на цените, но воедно ќе биде и недискриминаторно во трговијата, посебно за земјоделските и прехранбените производи“,
рече Бектеши.
Со законот се опфатени и се регулираат 26 нефер трговски практики.
На средбата што министерот Бектеши ја имаше со Стопанската комора, на средината на минатиот месец, беше наведено дека новиот закон предвидува намалување на рабатот до максимум десет проценти на годишно ниво што ќе влијае на намалување на цените на земјоделските и прехранбените производи, а во однос на непочитување на законските одредби засега се предвидени глоби до 20 000 евра.
Законот, како што рече Бектеши, веќе е на ЕНЕР и ќе се носи со европско знаменце.
Министерот тогаш рече дека рокот од шест месеци кој е оставен за компаниите да се приспособат, може и да се намали доколку се подготвени купувачите и добавувачите ова законско решение веднаш да го применуваат.
