Прашана дали ќе бара одговорност од лицето што го одложило опасниот отпад на депонијата кај Орман, Шукова вели дека засега не може да каже бидејќи постапката е во локална надлежност и се води од Градот Скопје, а не од државата. Доколку имаат потреба од помош за случајот, Шукова ги повика локалните власти во секое време да се обратат до Државниот инспекторат за животна средина
Опасниот отпад што неодамна беше пронајден во близина на селото Орман на територија на Општина Ѓорче Петров е донесен од Пробиштип, изјави денеска министерката за животна средина Каја Шукова посочувајќи дека се откриени незаконски дејствија во конкретниот случај.
„Нема да дозволиме во иднина повторно ваква активност да се случува не само во Скопје, туку и на локацијата од каде што доаѓа згурата. Точно знаеме за што се работи, какви активности имало, само чекаме за каков тип отпад станува збор“,
рече министерката.

Посочи дека Министерството и Државниот инспекторат за животна средина сè уште ги чекаат лабораториските анализи од отпадот и изрази очекување дека ќе бидат готови најдоцна до понеделник.
Прашана дали ќе бара одговорност од лицето кое го одложило опасниот отпад на депонијата кај Орман, Шукова вели дека постапката е во локална надлежност и се води од Градот Скопје, а не од државата.
„Не можам во моментов да ви кажам бидејќи Градот Скопје ја води постапката. Слушнавме дека станува збор за приватен плац, а дали станува збор за лице или фирма, тоа во моментов не можам да ви кажам бидејќи на увид не беше Државниот инспекторат, туку локалниот инспекторат“,
рече Шукова.
Министерката ги повика локалните и градските власти доколку имаат потреба од помош за случајот во секое време да се обратат до Државниот инспекторат за животна средина.
Опасниот отпад во близина на селото Орман беше откриен пред неколку недели од страна на овластен инспектор за животна средина при Општина Ѓорче Петров. Од Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) тогаш информираа дека се работи за згура од преработка на акумулаторски батерии во проценета количина од околу 500 до 600 тони.