Во телефонско интервју за Гласот на Америка на македонски јазик, заменик-помошникот државен секретар на САД задолжен за Западен Балкан, Габриел Ескобар, нагласил дека не се работи за гаранции, туку само за уверување дека Бугарија сака да го види регионот да се движи по европскиот пат
Заменик-помошникот државен секретар на САД задолжен за Западен Балкан, Габриел Ескобар, вели дека добил уверување од своите бугарските колеги оти немаат намера да поставуваат нови услови за Северна Македонија на нејзиниот пат кон Европската Унија (ЕУ).

Во телефонско интервју за Гласот на Америка на македонски јазик, Ескобар нагласил дека не се работи за гаранции, туку само за уверување дека Бугарија сака да го види регионот да се движи по европскиот пат.
„Имав разговори со моите бугарски колеги и тие ме уверија дека немаат намера да додадат повеќе услови. Тие би сакале да видат напредок на патоказот што веќе е таму. И сакаме да бидеме сигурни дека можеме да работиме со сите страни за да осигураме дека тие услови се исполнети. Но, тоа треба да биде, да остане засновано на факти и вкоренето во постоечките обврски, за да осигураме дека Северна Македонија ќе може да се движи напред во пристапниот процес“,
вели Ескобар во интервјуто за Гласот на Америка на македонски.
На дополнително новинарско прашање дали тоа значи дека нема да има ново вето ако се исполнат постоечките услови, Ескобар одговара:
„Јас тоа така го протолкував.“
Прашан дали САД се загрижени ако уставните измени се донесат за сметка на поткопување на владеењето на правото, доколку се излезе дека измените во Кривичниот законик се прават со цел да се обезбедат гласови за уставните измени, Ескобар вели:
„Нема да шпекулирам за тоа што се случува на внатрешен план. Тоа е на луѓето на Северна Македонија да го одлучат. Сакам да бидам многу јасен дека нашиот став е дека секоја земја што влегува во Европската Унија е попросперитетна, подемократска и постабилна, поради посветеноста на вредностите и посветеноста на владеењето на правото. А оние реформи што се потребни за членство во ЕУ треба да се одржат, тие треба да бидат целта кон која се стреми Северна Македонија, а не за домашна политичка добивка на која било од страните. Ние ќе продолжиме да стоиме покрај оние луѓе кои сакаат реформи и кои сакаат да ги исполнат европските барања“.
Ескобар, исто така, рече дека нема информации за можни преговори и пазарење за уставните измени меѓу Владата и поранешен премиер и бегалец во Унгарија, Никола Груевски, како што изјави лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски за германскиот весник ФАЦ.
Целото интервју на Ескобар за Гласот на Америка на македонски јазик е достапно ТУКА.
