Оттаму посочуваат и дека предистражната постапка не опфаќа одреден временскиот период и ги испитува сите евентуални незаконитости, без разлика кога се случиле
Во рамки на предистражната постапка за предметот поврзан со работата на Клиниката за радиотерапија и онкологија, со барање од 13 септември 2023, Основното јавно обвинителство – Скопје ги обезбедило сите изготвени извештаи од извршените вонредни надзори на Фондот за здравствено осигурување, за финансиското работење на Клиниката, за периодот 1 јануари 2015 година до март 2023 година, информираат од државното Јавно обвинителство.
„Нов тримесечен извештај, за периодот до јуни 2023 година, согласно информациите добиени од Фондот, е во финална фаза на изработка и веднаш потоа ќе биде доставен до Обвинителството. Нагласуваме дека до овој момент воопшто не е изготвен извештај што го опфаќа периодот до август 2023 година. Сите докази во предметот се обезбедени и веќе се предмет на анализа од стручни лица“,
информира државното Јавно обвинителство.
Оттаму посочуваат и дека предистражната постапка не опфаќа одреден временскиот период и ги испитува сите евентуални незаконитости, без разлика кога се случиле.
„Секој што има дополнителни сознанија за овој настан има обврска да ги пријави до надлежните органи“,
наведува ЈОРСМ во соопштението.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска презентираше Извештај од Фондот за здравствено осигурување од извршена вонредна финансиска контрола на условниот надоместок во Универзитетската клиника за радиологија и онкологија за периодот од 1 август 2021 година до 1 август 2023 година.
„Периодот кој е опфатен во овој Извештај е периодот после оној период за кој зборуваа од Владата дека е опфатен со предистрагата, односно дека до 2021 година се правело што се правело, а после тоа сè било според правилата. Еве, овој Извештај го опфаќа работењето, јавните набавки на МЗ во периодот од 1 август 2021 до 1 август 2023. Овој Извештај во јавноста сè уште го нема. И исто така е опфатен периодот за јавните набавки само на УКРО за 4 месеци, и тоа декември 2022, јануари, февруари, март 2023 година“,
рече Мицкоски.
Извештајот, како што истакна тој, покажува дека лековите за пациентите доцнеле, а за тоа никој не испратил допис и не биле раскинати договорите со набавувачите, немало контрола при аплицирањето на лековите што им се даваат на пациентите кои лежат на Клиниката и се давале лекови на пациенти кои требало да ги примат на друга клиника, а за тоа нема никаква потврда дали тие лекови ги примил пациентот.
Сите документи, најави Мицкоски, ќе бидат доставени до Јавното обвинителство.