Потребата за усвојување на предлог-законот за амнестија по скратена постапка денеска се најде на пленарна седница во Собранието, но со мнозинство од 66 гласа „против“ беше отфрлена од стана на пратениците. „За“ потребата од усвојување на предложениот закон гласаа само 15 пратеника, а тројца гласаа „воздржано“
Дали има некакво недоразбирање помеѓу пратениците и раководството на СДСМ – ова е прашањето што денеска на прес-конференција го постави лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, откако пратениците не ја поддржаа потребата за усвојување на предлог-законот за амнестија по скратена постапка.

„Откако овој закон ја помина владината процедура, се најде на владина седница. Тоа што може да значи? Тоа може да значи дека Спасовски, Ковачевски, Маричиќ, Петровска, Грковска и останатите од СДСМ, го гласале на владина седница, а пратениците на СДСМ сега велат дека нема да го гласаат. Можеби прашањето сега треба да биде, да не има некакво недоразбирање меѓу пратениците и раководството на СДСМ“,
рече Мицкоски на денешната прес-конференција.
Ставот на ВМРО-ДПМНЕ во однос на законот за амнестија, како што посочи лидерот на опозицијата, е јасен.
Уште откако Министерството за правда го изготви предлог-законот, опозициската партија најави дека нема да го поддржи и оти ќе го блокира со поднесување голем број на амандмани. Мицкоски уште тогаш кажа дека нема да го поддржат законот бидејќи, како што кажа, со него власта има намера да ги ослободи криминалците што служат затворски казни, а истите тие потоа „ќе ѝ прават проблеми на идната влада на ВМРО-ДПМНЕ“.
Потребата за усвојување на предлог-законот за амнестија по скратена постапка денеска се најде на пленарна седница во Собранието, но со мнозинство од 66 гласа „против“ беше отфрлена од стана на пратениците. „За“ потребата од усвојување на предложениот закон гласаа само 15 пратеника, а тројца гласаа „воздржано“.
Ова значи дека предлог-законот нема да оди во скратена, туку во редовна постапка во Собранието.
Пред гласањето, министерот за правда Кренар Лога, кој е и предлагач на законот, на пратениците им подели албуми со фотографии од затворот „Идризово“ на кои се гледа лошата состојба во затворот и на тој начин ги повика ги да го изгласаат предлог-законот за амнестија, чија основна цел, како што и претходно неколку пати кажа самиот министер, е ослободување на дел од капацитетите на затворите.
Предлог-законот за амнестија предвидува целосно ослободување на лицата осудени на затворски казни до шест месеци, а осудениците со казни од шест месеци ќе се ослободат од издржување на 30 отсто од целокупната казна изречена со правосилна пресуда. Исклучок од амнестијата има за тешките кривични дела.