За тоа кога точно ќе бидат изборите, јавноста ќе може да биде информирана кога ќе се постигне договор во однос на точниот тајминг во рамки на парламентот. Парламентот ќе треба да ја донесе таа одлука, а претседателот на Собранието ги распишува изборите, вели премиерот

Избори ќе има, а за точниот датум јавноста ќе биде информирана кога ќе се постигне договор, вели премиерот Димитар Ковачевски.
„Бидејќи истекува мандатот на претседателот и мандатот на парламентот, избори ќе има. За тоа кога точно ќе бидат изборите, јавноста ќе може да биде информирана кога ќе се постигне договор во однос на точниот тајминг во рамки на Парламентот. Парламентот ќе треба да ја донесе таа одлука, а претседателот на Собранието ги распишува изборите“,
рече денеска Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање на настанот по повод Националниот ден на осигурувањето – 1 Ноември.
Во однос на датумот на одржување, Ковачевски вели дека предвид треба да се земе и тоа оти во пролетните месеци има верски празници кои граѓаните ги почитуваат.
„Имајќи ги предвид сите овие претпоставки, ќе биде донесен и датум, нормално во законските рокови, со оглед на тоа дека во нашиот закон постои обврска за техничка влада, таа ќе биде 100 дена пред одржувањето на парламентарните избори, така како што било и досега“,
додаде Ковачевски.
На прашањето дали разговараат со ДУИ за заеднички настап на претседателските или на парламентарните избори, тој одговори дека за настапот на избори јавноста ќе биде информирана кога телата на партиите ќе донесат одлука.
Претседателот на Собранието Талат Џафери минатата недела им даде рок на политичките партии до Нова година да се договорат и да постигнат консензус за датумот на претседателските избори со цел да се запазат уставните рокови. Што се однесува до парламентарните избори, Џафери вели дека тие се друга приказна и за нив има други рокови. Тој рече и дека им кажал на координаторите на пратеничките групи да размислат за изборниот процес и за сите обврски кои произлегуваат од него.