Претресот бил извршен во полуотвореното одделение од казнено-поправната установа
Полициски службеници од Бирото за јавна безбедност во координација со ОЈО Скопје, по претходно добиени оперативни сознанија и наредба за претрес од Основниот кривичен суд Скопје, извршиле претрес во Казнено-поправната установа „Идризово“, во полуотворено одделение, соопшти денеска Тони Ангеловски, помошник на министерот за внатрешни работи.

При претресот, како што посочи Ангеловски, се пронајдени 63 мобилни телефони, 82 ножа, 4 шила, 71 полнач за телефони и дрога.
„При преземањето службени дејства, се собрала поголема група затвореници која пружила активен отпор, но биле совладани по преземени мерки и активности. При тоа, со повреди се здобиле 10 полициски службеници, а со повреди се здобиле и дел од затворениците. По документирање на случајот, ќе бидат поднесени соодветни поднесоци“,
изјави Ангеловски.
Инаку, во последната година затворот беше поврзан со повеќе скандали, меѓу другите и копањето подземен тунел од затвореници кои со месеци планирале бегство.
Исто така се случи и спектакуларно бегство на затвореник додека беше транспортиран на лекар, па поради ова беа суспендирани командир и четворица затворски полицајци.