Тој на средбата со верските лидери се осврнал и ја потврдил позицијата на Русија во однос на палестинско-израелскиот конфликт, посочувајќи дека таа не е под влијание на сегашните околности, туку се заснова на резолуциите на Советот за безбедност на ОН кои предвидуваат создавање на две независни суверени држави, Израел и Палестина
Рускиот претседател Владимир Путин на состанок со верските водачи од различни религии во земјата предупредил на можна поширока ескалација на кризата на Блискиот Исток доколку не се запре крвопролевањето и насилството, пренесуваат светските агенции.
Тој на состанокот изјавил дека не е во ред што невини жени, деца и стари луѓе се казнуваат во Газа поради туѓи злосторства.
„Нашата задача денес, нашата главна задача е да го запреме крвопролевањето и насилството. Во спротивно, натамошната ескалација на кризата се заканува со тешки и крајно опасни и деструктивни последици. И тоа не само за регионот на Блискиот Исток. Таа може да се прелее многу подалеку од границите на Блискиот Исток“,
рекол Путин, според транскриптот од неговото обраќање објавен на веб-страницата на руското претседателство.
На средбата со верските лидери тој се осврнал и ја потврдил позицијата на Русија во однос на палестинско-израелскиот конфликт.
„Позицијата на Русија за палестинско-израелскиот конфликт е добро позната и експлицитно беше изнесена во повеќе наврати. Не е под влијание на сегашните околности, туку се заснова на резолуциите на Советот за безбедност на ОН, кои предвидуваат создавање на две независни суверени држави, Израел и Палестина. Ова е клучот за трајно и фундаментално решение и мир на Блискиот Исток. Ова е традиционалната позиција на Советскиот Сојуз, а потоа и на Русија од 1948 година“,
рекол Путин.
Инаку, израелските копнени сили во текот на ноќта извршија релативно голем упад во Појасот Газа, користејќи тенкови и пешадија.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) го потврдија и го објавија нападот на северот на Газа на платформата „Икс“ и изјавија дека тоа е подготовка за следните фази од борбата.
„Тенкови и пешадија на ИДФ нападнаа бројни терористички ќелии, инфраструктура и бази од кои се лансираат противтенковски ракети. По нападот војската се врати на израелска територија“,
соопшти ИДФ на социјалните мрежи, објавувајќи и видеоснимка од копнената операција.