Нетанјаху нагласи дека нема да даде никакви детали за копнената инвазија, со цел да ги „обезбедиме животите на нашите војници“. Сепак, тој рече дека времето на почетокот на операцијата на израелските одбранбени сили (ИДФ) ќе биде едногласно одредено од воениот кабинет на Израел
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се обрати до јавноста на телевизија и рече дека сите милитанти на Хамас се „осудени на смрт“.
„Израелската армија се подготвува за копнена инвазија чија цел е да ги уништи воените капацитети на Хамас. Воениот кабинет на Израел работи дење и ноќе и ќе продолжи сè додека не постигне победа“,
рече тој.
Нетанјаху нагласи дека нема да даде никакви детали за копнената инвазија, со цел да ги „обезбедиме животите на нашите војници“. Сепак, тој рече дека времето на почетокот на операцијата на израелските одбранбени сили (ИДФ) ќе биде едногласно одредено од воениот кабинет на Израел.
„Нема да елаборирам кога, како и колку. Нема да елаборирам за различните пресметки што ги правиме, за кои јавноста главно не знае, како што и треба да биде. Веќе убивме илјадници терористи и ова е само почеток“,
изјави израелскиот премиер.
Нетанјаху рече дека Израел ќе се „испита“ себеси и ќе открие што се случило за време на нападот на Хамас на 7 октомври. Настаните од тој ден ќе бидат „целосно истражени“ и „сите ќе треба да дадат одговори“, додаде тој.
Нетанјаху ги повика Израелците ниту за момент да не ги заборават убиените во нападите на Хамас.
„Се чувствуваме како некој да фрла илјадници стрели во нашето раскрвавено срце“,
рече тој додавајќи дека ќе прогласи Ден на национална жалост во спомен на жртвите.
Според него, властите им помагаат на граѓаните „контролирано да набават лично оружје“.
„Мојата улога е да ја водам оваа земја и нејзиниот народ до целосна победа над нашите непријатели. Ќе се бориме заедно и ќе победиме заедно“,
дециден беше премиерот на Израел.