Покрај мапирањето на јавните установи кои и оваа сезона ќе се греат на нафта и мазут, иницијативата ги повика граѓаните да се обратат до пратениците и до советниците во општините во пресрет на подготовката на државниот и општинските буџети за 2024 година и да побараат повеќе средства за борба против загадувањето на воздухот
Болници, градинки, училишта, касарни, судови се дел од речиси 700 јавни објекти на територија на земјава кои граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ ги мапира како установи кои се греат на нафта и мазут, а кои, како што велат од иницијативата, и оваа зима ќе продолжат да го загадуваат воздухот.
Над 100 од вкупниот број на мапирани објекти загадувачи се во Скопје.
„Ако не сакаме да дишеме воздух кој светските медиуми го опишуваат како воздух кој мириса на изгорена пластика, сега е шансата да се направи промена!“,
велат од „Шанса за Центар“.

Покрај мапирањето на јавните установи кои и оваа сезона ќе се греат на нафта и мазут, иницијативата ги повика граѓаните да се обратат до пратениците и до советниците во општините во пресрет на подготовката на државниот и општинските буџети за 2024 година и да побараат повеќе средства за борба против загадувањето на воздухот.
„Во 2023 година не се направи промена на начинот на греење кај огромен број на јавни објекти кои се греат на нафта и мазут за да се намали загадувањето на воздухот во зима. Нема општина која во своето урбано јадро нема еден куп јавни објекти кои го загадуваат воздухот. Скопје води, но во незавидна положба се и граѓаните во Тетово, Куманово, Битола, Прилеп, Охрид, Штип, Гостивар. За загревање на овие објекти и оваа грејна сезона може да се потрошат над 16,5 милиони литри нафта за греење и над 4,8 илјади тони мазут. Тие и ќе ги дишеме!“,
велат од иницијативата.
Интерактивната мапа на објекти загадувачки, која ја изработи „Шанса за Центар“, може да ја погледнете на следниот линк.
