Според Министерството, бројот на загинати во последните 24 часа е 436 лица, меѓу кои 182 деца. Се тврди дека повеќето од жртвите настрадале во јужниот дел на Појасот Газа, каде што израелската армија им нареди на Палестинците да се евакуираат
Палестинското Министерство за здравство во Појасот Газа, кое е под контрола на Хамас, денеска соопшти дека најмалку 5 087 Палестинци се убиени во израелските напади од 7 октомври, пренесуваат светските медиуми. Од Министерството, како што пишува „Гардијан“, велат дека меѓу загинатите има 2 055 деца, а дополнително се известува дека 15 273 луѓе во Газа биле ранети.

Според Министерството, бројот на загинати во последните 24 часа е 436 лица, меѓу кои 182 деца. Се тврди дека повеќето од жртвите настрадале во јужниот дел на Појасот Газа, каде што израелската армија им нареди на Палестинците да се евакуираат.
Тврдењата на Министерството за здравство во Газа, како што посочува британскиот весник, засега не се независно потврдени.
Инаку, Израел почна со одмазднички воздушни напади откако на 7 октомври милитантите на Хамас извршија напад во јужен Израел во кој загинаа најмалку 1 400 луѓе, главно цивили од заедниците во близина на границата со Газа.
Рихам Џафари, координатор за комуникации на организацијата Акција за помош на Палестина (ActionAid Palestina), изјави дека болниците и здравствениот систем во Газа се во голема опасност.
„Населбите во околината на болниците се на мета, ставајќи ги во ризик оние што се засолнуваат таму, кои се преплашени за својата иднина и кои живеат во состојба на страв. Синоќа во Газа загинаа 400 цивили – повеќето жени и деца. 24 болници, вклучително и Ал-Кудс, се под закана од бомбардирање во секое време поради израелските наредби за евакуација што ги добиле, велат од Црвената полумесечина. Тие болници се полни со болни и ранети, а во нивните дворови има илјадници луѓе кои беа раселени и се засолниле таму за да го избегнат континуираното бомбардирање на Газа“,
велат од организацијата.
Организацијата цитираше, како што тврди, изјава на бремена мајка која се засолнила во близина на градот Деир Ал Балах, во централна Газа. Таа и нејзиното семејство, според тврдењата, двапати биле раселени од 7 октомври.
„Моите деца врескаат цела ноќ додека има бомбардирање. Јас сум бремена. На 28. месецов треба да се породам, ќе направам царски рез. Каде да одам? Каде ќе се роди? Кога ќе дојде бебето, мора да се роди на чисто место. Каде е чистотата? Што можеме да направиме?“,
се невдува во цитатот што го пренесува ActionAidPalestina, пренесе „Гардијан“.
Од друга страна, израелскиот министер за образование Јоав Киш повика на итно ослободување на заложниците од Хамас велејќи дека „обидот да се убијат Евреите затоа што се Евреи, нема веќе да биде опција“, откако Израел ќе ја заврши својата воена кампања.
„Бараме итно и безусловно ослободување на овие заложници. Имаме работа со неинволвирани луѓе, бебиња, деца, постари жени – лудо е што дури и треба да зборуваме за тоа. Тоа е такво воено злосторство што е дури и тешко да се замисли. Значи, оваа работа мора да се случи веднаш. Ќе продолжиме со нашите напори за да се осигураме дека Хамас нема да ја контролира Газа. Ова е во корист и на Израел и на Палестинците. Хамас е главната причина за страдањето на двата народи“,
изјавил Киш за ГБ Њуз во Велика Британија.
Во меѓувреме израелските одбранбени сили (ИДФ) објавија видео на социјалните мрежи во кое тврдат дека прикажуваат редовни и резервни војници „како изведуваат вежби за обука со цел да се подобри подготвеноста и компетентноста на силите за маневрирање во Појасот Газа“.
לוחמי צה״ל בסדיר ובמילואים מבצעים סדרת אימונים על מנת לשפר את מוכנות וכשירות הכוחות לתמרון ברצועת עזה. הלוחמים והמפקדים, שהגיעו נחושים ועם מוטיבציה גבוהה, מתאמנים בצוותי קרב חטיבתיים, המשלבים כוחות חי”ר, שריון ויחידות נוספות במספר מתווים ובתרחישים שונים >> pic.twitter.com/E2pTbSqtLm
— צבא ההגנה לישראל (@idfonline) October 23, 2023
Исто така, се вели дека се одржуваат состаноци за „заострување на соработката меѓу воздушните и копнените сили“.
Претходно, ИДФ соопштија дека нападнале 320 цели на Хамас во Газа и дека извршиле ограничени напади во текот на ноќта во Појасот Газа.