Денеска во раните утрински часови, откако Љубљана од полноќ воведе гранични контроли со Хрватска и Унгарија поради зголемениот ризик од терористички напади, словенечката полиција регистрирала два нелегални гранични премини со Хрватска и шест со Унгарија

Од полноќ повторно ќе се контролира границата меѓу Хрватска и Словенија. Станува збор за привремена мерка која ќе важи до 30 октомври, а се објаснува со зголемената опасност од терористички напади по ескалацијата на војната на Блискиот Исток и поголемиот прилив на илегални мигранти, објави ХРТ.
Денеска во раните утрински часови, откако Љубљана од полноќ воведе гранични контроли со Хрватска и Унгарија поради зголемениот ризик од терористички напади, словенечката полиција регистрирала два нелегални гранични премини со Хрватска и шест со Унгарија, јави словенечката агенција СТА.
Полицијата во Копар, која воведе надзор на пет патни и два железнички гранични премини со Хрватска, соопшти дека се работи за државјанин на Еквадор, кој имал пасош и за државјанин на Филипини, кој патувал без документи и нема регулиран статус во ЕУ.
„Граѓанинот на Еквадор изрази намера да поднесе барање за меѓународна заштита“,
изјави шефот на Одделот за државна граница и странци на ПУ Копар.
Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ ја коментираше и одлуката на Словенија за привремено повторно воведување гранични контроли. Претседателот рече дека од една страна ја разбира одлуката на соседите, но изрази и сомневање дека илегалната миграција и тероризмот ќе се намалат поради тоа.
„Ги разбирам, немаат избор. Немаат избор поради нивната внатрешна политика, затоа што граѓаните веројатно нешто очекуваат, иако на тие гранични премини сигурно нема да ги фатат оние што ги бараат, а тоа се илегални мигранти, затоа што сигурно нема да ја минат границата со транспаренти и во ‘ферари’, туку одат таму каде што нема гранична контрола. Но, тоа е тоа, тоа е добра лекција. Да разбереме, да се потсетиме дека Европската Унија е пред сè унија и сојуз, нација, во голема мера, или претежно национални држави кои имаат своја историја, идентитет, карактер, свои стравови, предрасуди и дури и некои фрустрации, има и тоа, и дека се движиме и живееме во границите на можното“,
рече Милановиќ.
