На повтореното судење судечкиот совет во Основниот кривичен суд Скопје го одби барањето за амнестија во случајот познат во јавноста „Организаторите на 27 април“, а денеска Апелација го укина тоа решение

Апелациониот суд Скопје го укина решението на Кривичниот суд кој одлучи дека амнестијата не важи за обвинетите во случајот „Организаторите на 27 април“, а тоа значи дека судијата кој го води овој судски процес, сега треба повторно да одлучува и да се произнесе, пренесува ТВ Телма.
Ова, како што наведуваат, е потврдено од Кривичниот суд, а од Апелација велат дека одлуката ќе биде во целост достапна за јавноста.
„Апелациониот суд донесе процесно решение, откако процени дека првостепениот суд не посветил доволно внимание, односно не водел постапка за кривично-правен акт на која ќе ги изведе доказите против обвинетите, туку ценел дали тие подлежат на Законот за амнестија или не. Во прилог на ставот на Алелациониот суд Скопје е и фактот дека вишиот јавен обвинител, бара преиначување на нивните жалби, а во насока на прифаќање на жалбите на четворицата обвинети“,
потенцираат од Апелација.
Од Вишото обвинителство, како што пренесува Телма, велат дека надлежниот јавен обвинител на одржаната јавна седница на Апелација дал предлог да се укинат решенијата на првостепениот суд поради суштествена повреда – недоволно образложени причини во првостепените одлуки. Ваквиот став, како што велат, не се однесува на фактичката примена на амнестијата и тоа било детално образложено на седницата.
Апелацискиот суд Скопје во април годинава донесе одлука да ја укине првостепената пресуда и предметот да го врати на повторно судење.
Со претходната пресуда од Кривичен, за делото терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста на шест и пол години казна затвор беше осуден поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски, на по шест години и три месеци беа осудени ексминистрите Спиро Ристовски и Миле Јанакиески, додека поранешниот шеф на УБК, Владимир Атанасовски, доби шест затвор.
Меѓу причините за укинување на оваа пресуда, Апелација во април наведе дека првостепениот суд ги занемарил приговорите на обвинетите кога барале амнестија според Законот кој беше донесен во Собранието за настаните од „крвавиот четврток“.
Исто така, апелациските судии забележаа и оти имало суштествени повреди на одредбите на кривичната постапка од членот 415 (став 1 точка 11 и став 3) од Законот за кривична постапка (ЗКП).
Точката 11 од ставот 1 во членот 415 значи дека пресудата била нејасна и противречна на самата себе или дека во неа не се наведени причините за решавачките факти или докази изведени на главната расправа. За ова Апелација наведе дека не ги расправал доволно сите спорни околности и не утврдил со сигурност во што се состојат дејствијата на секој од обвинетите.
Повредата на ставот 3 од членот 415 која ја нотираше Апелација, пак, значи дека второстепениот суд сметал оти во постапката пред првостепениот суд биле повредени правата на одбраната, што можело да влијае на законито и правилно донесување на пресудата.
На повтореното судење судечкиот совет во Основниот кривичен суд Скопје го одби барањето за амнестија во случајот познат во јавноста „Организаторите на 27 април“. Одлуката ја донесе совет на чело со судијата Илија Трпков, во кој е и судијката Дијана Груевска-Илиевска, како и тројца поротници.