Министерката кажа дека институциите и безбедносно-разузнавачките служби будно ги следат случувањата во Израел и Украина и соодветно се подготвуваат за евентуална реакција доколку се лоцира потенцијален предизвик
Во моментов нема реални закани по безбедноста на државата, вели министерката за одбрана Славјанка Петровска, посочувајќи оти институциите и безбедносно-разузнавачките служби будно ги следат случувањата во Израел и Украина и соодветно се подготвуваат за евентуална реакција доколку се лоцира потенцијален предизвик.
Министерката ова го изјави одговарајќи на новинарски прашања за безбедносната состојба во земјава и регионот во контекст на актуелните конфликти на Блискиот Исток и во Украина.
„Институциите, службите, безбедносно – разузнавачката заедница будно ги следат случувањата во Израел и Украина, разменуваат информации и на национално ниво и во рамките на НАТО алијансата и соодветно се подотвуваат доколку се лоцира предизвик да се реагира“,
изјави Петровска.

Според информации на министерката, досега до институциите не стигнале барања за физичка заштита на припадниците на еврејската заедница во земјава, ниту, пак, на нивните верски објекти.
„Координацијата на безбедносно-разузнавачките служби и информациите што се разменуваат покажуваат дека сега закана нема, независно дали се работи за припадници на една заедница или кон некакви објекти, но тоа не значи дека институциите остануваат само на таа информација. Ќе ги следиме случувањата и доколку е потребно, и се укаже некакво вид безбедносна закана, не само Евреите туку секој еден граѓанин на нашата држава ќе биде соодветно заштитен“,
рече Петровска.
Секогаш кога се отвора нов конфликт низ светот, додаде министерката, тој предизвикува одредени проблеми во функционирањето на државите независно дали е тој поблизу или подалеку.
„Знам дека многу од проблемите се тешки, причините за случувањата се проблематични, меѓутоа ништо не е повредно од човечките животи“,
додаде министерката.
Неодамна и шефот на дипломатијата Бујар Османи кажа дека засега нема конкретни закани, а оти надлежните институции ја следат безбедносната состојба во земјава.
