Со реакција за протестот на здравствените работници се огласи ресорното Министерство за здравство. Оттаму преку писмено соопштение посочија дека платите на вработените во здравството оваа година се покачиле во два наврати, а дека можностите и буџетот не дозволуваат повеќе од две покачувања во годината
Незадоволни од висината на платите, членовите на Независниот синдикат на здравствените работници и административно-техничкиот персонал денеска излегоа на протести во Скопје, Крушево, Неготино, Кавадарци, Прилеп, Гостивар, Тетово и Кичево.
Покрај барањето за покачување на платите за 30 отсто, здравствените работници побараа и четири отсто инфективен додаток, бенифициран стаж за целото здравство и промена на колективниот договор бидејќи, според нив, во постоечкиот колективен договор постојат неправилности кои треба да се изменат.

Претседателот на Независниот синдикат на геријатрија, Лазо Костовски, во изјава за МИА вели дека за барањата се остварени средби во Министерството за здравство, но дека со нив не бил постигнат договор бидејќи, како што вели, покачувањето на платите не зависи од ова, туку од Министерството за финансии.
„Во овој момент Министерството за здравство располага со многу помал буџет за разлика од изминатите години и затоа не можеме да ги имаме ниту тие покачувања кои требаше да ги имаме досега. Во буџетот на Здравство нема пари, но има во централниот буџет. Гледаме дека овие наши функционери сакаат на некој начин да го смират народот со најавата дека ќе ги намалат коефициентите на нивните плати, а тоа ќе трае до јануари, кога ќе го имаат покачувањето од 300 до 500 евра. Фактички тоа нивно покачување ќе биде намалено и тие ќе си останат на истите овие плати коишто ги имаат сега“,
рече претседателот на Независниот синдикат на геријатрија на денешниот протест.
Костовски најави можна радикализација на протестот, но кажа дека за следниот чекор на Синдикатот ќе се расправа дополнително.
Во меѓувреме, со реакција за протестот на здравствените работници се огласи ресорното Министерство за здравство. Оттаму преку писмено соопштение посочија дека платите на вработените во здравството оваа година се покачиле во два наврати, а дека можностите и буџетот не дозволуваат повеќе од две покачувања во годината.
„Министерството веќе одржа повеќе состаноци со синдикатите каде беше разговарано на оваа тема, при што детално им беше образложен пристапот на Владата и Министерството за здравство во однос на покачувањата“,
се наведува во реакцијата од Министерството за здравство.
Во однос на протестот на здравствените работници, премиерот Димитар Ковачевски кажа дека барањата на синдикатите се легитимни, но дека треба да бидат ставени и во однос на тоа со што располагаат даночните обврзници, бидејќи, како што рече, работата на здравствените установи се плаќа од здравствениот фонд.
