Израелската војска, како што пренесува „Гардијан“, тврди дека го убила „шефот на военото крило на терористичката организација Народни комитети за отпор во Рафах, Рафат Харев Хосеин Абу Халал“, како и „голем број оперативци кои припаѓаат на силите Наџаба на Хамас“
Британскиот премиер Риши Сунак, како што беше претходно најавено, ќе се сретне со својот израелски колега Бенјамин Нетанјаху и со претседателот на Израел, Исак Херцог. „Со нетрпение ги очекувам моите состаноци со премиерот и претседателот и се надевам дека тие ќе бидат продуктивни“, изјави Сунак утрово по пристигнувањето во Тел Авив. За време на посетата се очекува тој да побара да се дозволи влез на хуманитарна помош во Газа, како и да им се овозможи на Британците кои се заглавени таму да ја напуштат областа
Израелските одбранбени сили (ИДФ) утрово соопштија дека продолжуваат со континуирани напади низ Појасот Газа, во војната со милитантите на Хамас која влезе во тринаесеттиот ден, пренесуваат светските агенции.

Ажурираните податоци за нивните оперативни активности, израелската војска ги објави утрово, во пост на социјалната мрежа „Икс“ (поранешен Твитер).
„Во текот на последниот ден, ИДФ, во координација со Шин Бет (изралеската безбедносна служба н.з.), уништи стотици терористички инфраструктури на Хамас, од кои десетици беа нападнати во населбата Сагеја. Стотиците терористички инфраструктури кои беа нападнати вклучуваат локации за лансирање на противтенковски ракети, тунели, разузнавачки инфраструктури, оперативни штабови и други штабови“,
се наведува во објавата на ИДФ.
צה״ל ממשיך לתקוף כל העת ברחבי רצועת עזה. במהלך היממה האחרונה צה”ל, בהכוונת שב”כ, השמיד מאות תשתיות טרור של חמאס, מתוכן עשרות שנתקפו בשכונת ס’געיה. מאות תשתיות הטרור שהותקפו כוללות עמדות שיגור טילי נ”ט, פירי מנהרות, תשתיות מודיעין, חמ”לים מבצעיים ומפקדות נוספות>> pic.twitter.com/U2qr2NedNT
— צבא ההגנה לישראל (@idfonline) October 19, 2023
Израелската војска, како што пренесува „Гардијан“, повикувајќи се на новинската агенција Ројтерс, тврди дека го убила „шефот на военото крило на терористичката организација Народни комитети за отпор во Рафах, Рафат Харев Хосеин Абу Халал“, како и „голем број оперативци кои припаѓаат на силите Наџаба на Хамас“.
Инаку, утрово во Тел Авив пристигна премиерот на Велика Британија, Риши Сунак, кој, како што беше претходно најавено, ќе се сретне со својот израелски колега Бенјамин Нетанјаху и со претседателот на Израел, Исак Херцог.
Сунак, по пристигнувањето во Израел, во изјава за новинарите од која дел пренесува британскиот национален сервис Би-би-си рече, дека нападите на Хамас на 7 октомври биле ужасен чин на тероризам, повторувајќи дека Обединетото Кралство стои со Израел.
„Пред сè, тука сум да ја изразам мојата солидарност со израелскиот народ. Вие претрпевте неискажлив, ужасен чин на тероризам и сакам да знаете дека Обединетото Кралство и јас стоиме со вас. Со нетрпение ги очекувам моите состаноци подоцна со премиерот и претседателот и се надевам дека тие ќе бидат продуктивни“,
рече Сунак по пристигнувањето во Тел Авив.

За време на посетата се очекува Сунак да побара да се дозволи влез на хуманитарна помош во Газа, како и да им се овозможи на Британците кои се заглавени таму да ја напуштат областа.
Пред да пристигне во Израел, Сунак осврнувајќи се на смртоносната експлозија во болницата Ал-Ахли Араб во Газа, во која загинаа стотици Палестинци, рече дека тоа е „одлучен момент за лидерите во регионот и ширум светот да се здружат за да избегнат понатамошна ескалација на конфликтот“, посочувајќи дека Британија ќе биде во првите редови на овие напори.
Вчера во посета на Израел и на средби со државниот врв на земјата беше претседателот на Соединетите Американски Држави, Џо Бајден.
„Сè додека САД стојат до вас, а ние ќе бидеме покрај вас секогаш – нема да бидете сами“, напиша Бајден на социјалната мрежа ’Икс’“,
додавајќи оти на Нетанјаху му поставил „тешки прашања“.
За време на своето обраќање од Тел Авив, американскиот претседател изрази жалење за загубените животи за време на нападите во Израел од страна на Хамас, но, исто така, ги предупреди Израелците дека иако можеби чувствуваат бес, не треба да бидат обземени од него.
„Ве предупредувам дека одлуките за време на војната ‘никогаш не се јасни или лесни’. Потребно е да се постават многу тешки прашања. Потребна е јасност за целите и искрена проценка за тоа дали патот по кој одите ќе ги постигне тие цели“,
рече Бајден, пренесе Си-ен-ен.
Претседателот на САД говореше и за нападот на болницата во Газа, велејќи оти Израел не е виновен за експлозијата. Одговарајќи на новинарско прашање како е толку сигурен оти Израел не стои зад нападот на болницата во Газа, Бајден рече оти тоа го говорат податоците од одделот за одбрана на САД, додавајќи оти жали за загубата на невините палестински животи.