На мирниот протест пред индустрискиот капацитет, вработените укажаа дека имаат сознанија оти раководството издало налог за гаснење на печката, што, како што велат, ќе значи крај на фабриката. Загриженост за состојбата во „Еуроникел“ денеска изразија и од Сојузот на синдикати на Македонија, велејќи дека иднината на фабриката, а со тоа и судбината на 800 вработени, се ставени во неизвесност
Печката на комбинатот да не се гаси и да се обезбедат пари за септемвриската плата и електрична енергија за фабриката, побараа денеска вработените во „Еуроникел индустри“ во Кавадарци.
На мирниот протест пред индустрискиот капацитет, вработените укажаа дека имаат сознанија оти раководството издало налог за гаснење на печката, што, како што велат, ќе значи крај на фабриката.

„Сакаме да го свртиме вниманието на раководството и на јавноста за нашите проблеми. Имаме сознанија дека даден е налог од раководството да се изгаси печката. Ако се изгаси печката, тоа според нас ќе значи крај на фабриката, бидејќи потоа, според нашите информации, ќе треба долго време и многу пари повторно да се стави фабриката во функција“,
рече Миле Ѓорѓиев, претседател на синдикалната организација во фабриката.
Протестот на вработените во „Еуроникел“ го поддржа и Синдикатот на индустрија, енергетика и рударство (СИЕР). Претседателот на Синдикатот, Игор Герасов, нагласи оти фабриката е еден од најголемите гиганти со околу 800 вработени, како и значаен економски субјект во државата и оти не смее да се дозволи да згасне.
Загриженост за состојбата во „Еуроникел“ денеска изразија и од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).
„Иднината на оваа компанија е неизвесна дотолку повеќе ако се знае дека во текот на вчерашниот ден генералниот директор на компанијата издал наредба за гаснење на печките. Ваквиот потег значи дека компанијата нема да работи и дека 800 вработени ќе останат без своите работни места“,
се вели во соопштението од ССМ.
Оттаму велат дека работниците не се информирани од раководството за тоа што ќе се случува со компанијата, што е спротивно на работничките права и меѓународните трудови стандарди.
Вработените во „Еуроникел“ најавија дека ќе продолжат со протестите и утре и задутре, а в петок ќе биде одлучено какви понатамошни чекори ќе се преземат од страна на синдикалната организација.
