Во своето обраќање од Тел Авив, американскиот претседател Бајден, меѓу другото, кажа и дека Израел се согласил оти хуманитарната помош може да премине во Газа од Египет, предупредувајќи дека секој обид на Хамас да ја попречи помошта ќе илустрира дека нема грижа за благосостојбата на палестинскиот народ
Дојдов во Израел со едноставна порака, со порака дека не сте сами. Ова на својот профил на социјалната мрежа Х го напиша американскиот претседател Џо Бајден по средбата со премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху.
„Се додека САД стојат до вас, а ние ќе бидеме покрај вас секогаш – нема да бидете сами“,
напиша Бајден на социјалната мрежа Х, додавајќи оти на Нетајаху му поставил „тешки прашања“.

За време на своето обрање од Тел Авив, американскиот претседател изрази жалење за загубените животи за време на нападите во Израел од страна на Хамас, но, исто така, ги предупреди Израелците дека иако можеби чувствуваат бес, не треба да бидат обземени од него.
„Ве предупредувам дека одлуките за време на војната ‘никогаш не се јасни или лесни’. Потребно е да се постават многу тешки прашања. Потребна е јасност за целите и искрена проценка за тоа дали патот по кој одите ќе ги постигне тие цели“,
рече Бајден, пренесува Си-ен-ен.
Претседателот на САД говореше и за нападот на болницата во Газа, велејќи оти Израел не е виновен за експлозијата. Одговарајќи на новинарско прашање како е толку сигурен оти Израел не стои зад нападот на болницата во Газа, Бајден рече оти тоа го говорат податоците од одделот за одбрана на САД.
Додаде оти жали за загубата на невините палестински животи.
„САД недвосмислено се залагаат за заштита на цивилниот живот за време на конфликтот. И јас тагувам, навистина тагувам за семејствата кои беа убиени или ранети од оваа трагедија“,
додаде тој.
Во меѓувреме, портпаролката на Белата куќа, Адриен Вотсон, објави дека според моменталната проценка на САД базирана на анализи од снимки од дрон, Израел не е одговорен за вчерашниот напад на болницата во Газа во кој загинаа стотици цивили. Портпаролката додаде дека САД продолжуваат да собираат информации за експлозијата.
Во своето обраќање од Тел Авив, американскиот претседател Бајден, меѓу другото, кажа и дека Израел се согласил оти хуманитарната помош може да премине во Газа од Египет, предупредувајќи дека секој обид на Хамас да ја попречи помошта ќе илустрира дека нема грижа за благосостојбата на палестинскиот народ.
„Побарав од израелскиот кабинет да се согласи за испорака на спасувачка хуманитарна помош за цивилите во Газа. Израел се согласи дека хуманитарната помош може да започне да се движи од Египет во Газа“,
рече Бајден.
Во меѓувреме, од кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху беше потврдено дека согласно барањето на Бајден, Израел нема да ја блокира помошта за Газа.
„Со оглед на барањето на претседателот Бајден, Израел нема да ја блокира испораката на хуманитарна помош, сè додека таа се состои од вода, храна и лекови за цивилното население во јужниот дел на Појасот Газа и сè додека помошта не стигне до Хамас“,
се вели во соопштението на кабинетот на Нетанјаху.
Сепак, оттаму додадоа дека нема да се дозволи испорака на хуманитарна помош од територија на Израел во Појасот Газа додека не се вратат затворениците кои ги држи палестинската милитантна група Хамас.