Ставот на Гир, кој евроамбасадорот досега неколкупати го има споделено, денеска го повтори откако беше прашан дали е можно да дојде до одвојување на Северна Македонија и Албанија на патот кон ЕУ во декември доколку не се донесат уставните измени. Прашањето беше и во контекст на билатералната посета на францускиот претседател Емануел Макрон на Албанија и околу неговата позиција во однос на проширувањето
Дали С Македонија ќе оди напред во евроинтегративниот процес зависи исклучиво од самата земја и политичките чинители преку носењето на уставните измени и спроведувањето на неопходните реформи, изјави денеска шефот на Делегацијата на Европската Унија во земјава, Дејвид Гир.

Ставот на Гир, кој евроамбасадорот досега неколкупати го има споделено, денеска го повтори откако беше прашан дали е можно да дојде до одвојување на Северна Македонија и Албанија на патот кон ЕУ во декември доколку не се донесат уставните измени. Прашањето беше и во контекст на билатералната посета на францускиот претседател Емануел Макрон на Албанија и околу неговата позиција во однос на проширувањето.
Според евроамбасадорот, Северна Македонија има многу силна поддршка за својата европска иднина, како од институциите на Унијата така и од земјите членки.
Тој изрази надеж дека уставните измени ќе бидат донесени и дека земјава ќе се придвижи напред во евроинтеграциите.
„Како што веќе знаете последната одлука која што беше донесена минатиот јули 2022 година имаше еден европски предлог кој се постигна и врз основа на која земјата беше во можност да ги отвори пристапните преговори. Тоа даде можност земјата да се придвижи напред. Секако дека е суверена одлука на оваа земја да ги донесе уставните измени. Искрено се надеваме дека земјата ќе може да се придвижи напред во однос на уставните измени, како и во однос на реформите кои се од есенцијално значење за вашиот европски пат. Следните чекори зависат од вас, од оваа земја, од тоа како ќе се движи напред, отколку од Советот на ЕУ или од земјите членки поединечно“,
рече Гир, кој денеска заедно со премиерот Димитар Ковачевски и вицепремиерот за европски прашања беа во посета на компанијата „Вивакс“.
Истото прашање беше упатено и до премиерот Ковачевски, кој како и Гир рече дека е оптимист во однос на носењето на уставните измени и дека нема да се случи земјава повторно да биде одвоена од друга земја кандидатка на патот кон ЕУ.
„Ние еднаш се разделивме од Хрватска, кога не носевме одлуки и истите тие кои тогаш не ги носеа одлуките и сега се против носење на одлуките за европски интеграции“,
рече Ковачевски алудирајќи на позицијата на ВМРО-ДПМНЕ која останува цврсто против носењето на уставните измени под, како што велат од партијата, бугарски диктат.
Осврнувајќи се на позицијата на Франција, премиерот рече дека таа е за проширување на ЕУ во овој геополитички момент во Европа.
„Ако погледнете во однос на поддршката што ја дава Франција, тогаш да не заборавиме дека нашиот предлог за преговарачка рамка е изработен во рамки на француското претседателство по цели 17 години чекање така што ако зборуваме за курсот на Франција за проширувањето тогаш од сите изјави на претседателот Макрон и од министри кои ја посетија Северна Македонија се работи за држава која е за проширување во овој геополитички момент во Европа“,
рече премиерот Ковачевски.
Процесот на проширување, според него, е отпочнат и се надева дека ќе биде завршен. Тој ќе се одвива практично во две патеки – едната е ЕУ да се подготви до 2030 година за прием на нови земји членки, со оглед на тоа дека треба да функционира со повеќе земји членки, а од друга страна државите да ги исполнат своите обврски, рече Ковачевски потсетувајќи на пораките од Самитот на Берлинскиот процес во Тирана.
„И тоа значи дека оние коишто побрзо ќе ги извршат, направат своите обврски, коишто побрзо ќе ги направат реформите, тие први ќе влезат во ЕУ. Јас се надевам дека Северна Македонија ќе ја задржи својата лидерска позиција во делот на европските интеграции во регионот и дека нема да се случи она што не посакувам да се случи, а тоа е да другите земји отидат пред нас, а ние да останеме во група на Косово и БиХ. Со сета почит кон државите, меѓутоа сметам дека ние како држава согласно сите перформанси сме на повисоко ниво и заслужуваме да бидеме земја која прва ќе влезе во 2030 година во ЕУ. Повторувам уште еднаш, сега од нас зависи, не зависи од никој друг“,
истакна премиерот Ковачевски.
