Претседателката на Европската комисија ќе ја посети Северна Македонија до крајот на месецот, а претседателот Макрон неколкупати изрази желба, и тоа јавна, дека во некоја од неговите посети ќе ја посети нашата земја, рече премиерот Ковачевски
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен ќе ја посети Северна Македонија до крајот на месецот, најави денеска премиерот Димитар Ковачевски. Тој рече дека такви најави имало и од францускиот претседател Емануел Макрон, кој беше во посета на Албанија по Самитот на Берлинскиот процес.
„Претседателката на Европската комисија ќе ја посети Северна Македонија до крајот на месецов, а претседателот Макрон неколкупати изрази желба, и тоа јавна, дека во некоја од неговите посети ќе ја посети нашата земја. Јас имав неколку средби со него“,
рече Ковачевски кој беше во посета на компанијата „Вивакс“.
Одговарајќи на новинарско прашање дали Северна Македонија и Албанија ќе бидат одвоени на декемврискиот самит, Ковачевски рече „ние еднаш се разделивме од Хрватска кога не носевме одлуки и истите тие кои не ги носеа одлуките сега се против одлуките за европските интеграции“. Ние со Хрватска, додаде тој, почнавме заедно, тие се сега дел од ЕУ, воведоа евро и се дел од Шенген-зоната.
Зборувајќи за позицијата на Франција, премиерот рече дека таа е за проширување во овој геополитички момент во Европа.
„Ако погледнете во однос на поддршката која ја дава Франција, тогаш да не заборавиме дека нашиот предлог за преговарачка рамка е изработен во рамки на француското претседателство по цели 17 години чекање така што ако зборуваме за курсот на Франција за проширувањето тогаш од сите изјави на претседателот Макрон и од министри кои ја посетија Северна Македонија се работи за држава која е за проширување во овој геополитички момент во Европа“,
рече премиерот Ковачевски.
Процесот на проширување, според него, е отпочнат и се надева дека ќе биде завршен. Тој ќе се одвива практично во две патеки – едната е ЕУ да се подготви до 2030 година за прием на нови земји членки, со оглед на тоа дека треба да функционира со повеќе земји членки, а од друга страна државите да ги исполнат своите обврски, рече Ковачевски потсетувајќи на пораките од Самитот на Берлинскиот процес во Тирана.
„И тоа значи дека оние коишто побрзо ќе ги извршат, направат своите обврски, коишто побрзо ќе ги направат реформите, тие први ќе влезат во ЕУ. Јас се надевам дека Северна Македонија ќе ја задржи својата лидерска позиција во делот на европските интеграции во регионот и дека нема да се случи она што не посакувам да се случи, а тоа е да другите земји отидат пред нас, а ние да останеме во група на Косово и БиХ. Со сета почит кон државите, меѓутоа сметам дека ние како држава согласно сите перформанси сме на повисоко ниво и заслужуваме да бидеме земја која прва ќе влезе во 2030 година во ЕУ. Повторувам уште еднаш, сега од нас зависи, не зависи од никој друг“,
истакна премиерот Ковачевски.
