Вели дека изразила резерва кога на седница на Влада се предлагале измените на Кривичниот законик токму поради ваквите, како што рече, „можни последици од носењето на таквите решенија“
Сѐ уште има доволно време случаите на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) да се процесираат и да завршат во ефикасна и правична процедура, кажа вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска откако вчера му застари делото на Сашо Мијалков за прислушувањето во случајот „Тврдина-Таргет“, а пропадна и случајот „Топлик“ за проектот „Сончев град“ на Водно, како и за застарувањата на други кривични дела што произлегуваат од измената на Кривичниот законик и за ниската доверба на граѓаните во судството.
Грковска вели дека се очекувало овој предмет да застари бидејќи овој предмет пет години се водел во судските лавиринти и Апелација неоправдано го држела девет месеци.
Вели дека изразила резерва кога на седница на Влада се предлагале измените на Кривичниот законик токму поради ваквите, како што рече, „можни последици од носењето на таквите решенија“.
„И претходно го изразував своето разочарување за калкулантството на правосудниот систем и неефикасноста. Ако се сеќавате, мојата реакција беше прилично остра тогаш, како резултат на тоа имаше постапка за утврдување на одговорноста на двајца судии за кои се покажа дека неоправдано го држеле девет месеци овој предмет. Заради таквото однесување на правосудниот систем, за жал, ние бевме сведоци и во март годинава за истото лице да застари предмет кога судија го одложи наредното рочиште, неколку дена по датумот кога застарува предметот за истото лице, рече Грковска пред почетокот на тркалезна маса на која беше презентирана анализа „Преглед на законската рамка и праксата во назначувањето директори и раководни лица: предизвици и можни решенија“,
посочи таа.
Смета дека сѐ уште има доволно време, и по толку години, случаите од Специјалното јавно обвинителство да се процесираат и да завршат во ефикасна и правична процедура.
„Апелирам на одговорност на правосудните органи затоа што сѐ уште има доволно време, после толку години, случаите од Специјалното јавно обвинителство да се процесираат и во една ефикасна и правична процедура да завршат и правосудните органи да покажат дека судат исклучиво по закон, без разлика на тоа за кого станува збор. Како што изјавив и пред извесно време, и сега повторувам – да не се однесуваат како поголеми политичари од политичарите“,
рече вицепремиерката.
Посочи дека биле преземени конкретни активности да се надминат одредени процеси поради кои е ниска довербата во судството.
„Во еден дел имаше прогрес, но по сѐ што се случи со Судскиот совет и тој мал прогрес што се направи падна во вода поради таквото однесување и губење на кредибилитетот“,
додаде Грковска.
На прашањето дали државниот буџет ќе може издржи согласно одлуката дека на негов товар ќе бидат трошоците за водењето на кривичната постапка на делата што застаруваат, таа одговори дека не знае ниту може да предвиди колкава би била таа сума.
„Една од моите задршки беше и тоа. Ниту имам предвид кои случаи би можеле да бидат опфатени со ваквите законски решенија, ниту, пак, колку тоа би можело да чини. Навистина не знам да одговорам на ова прашање“,
рече Грковска.