Претседателката на Европската комисија на прес-конференцијата по Самитот потенцираше дека на сите им е јасно дека Израел има право да се брани согласно меѓународното и хуманитарното право, потсетувајќи на нејзината посета на земјата по нападот и ужасните сцени на кои била сведок. Сепак, како што посочи, терористите се Хамас, а не палестинскиот народ и затоа ЕУ мора да се грижи за него и за неговите хуманитарни потреби
Теророт на Хамас му носи огромно страдање на палестинскиот народ и нема противречност во солидарноста на Европската Унија со Израел и нашето дејствување за хуманитарните потреби на Палестинците, порача претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен по вечерашниот вонреден Самит на Унијата, кој се одржа преку видео-конференциска врска.

„Дозволете ми да бидам многу јасна дека терористите се Хамас, а не палестинскиот народ и затоа ние мора да се грижиме за палестинскиот народ и неговите хуманитарни потреби“,
рече таа.
Фон дер Лајен на прес-конференцијата по Самитот потенцираше дека на сите им е јасно дека Израел има право да се брани согласно меѓународното и хуманитарното право, потсетувајќи на нејзината посета на земјата по нападот и ужасните сцени на кои била сведок.
Претседателката на ЕК посочи дека во нападот на Хамас на Израел на 7 октомври во еден ден се масакрирани 1 400 Израелци и државјани на други земји и земени се околу 200 заложници, додавајќи дека ЕУ повикува на нивно итно ослободување.
Hamas terror is now bringing immense suffering to the Palestinian people.
— Ursula von der Leyen (@vonderleyen) October 17, 2023
There is no contradiction in standing in solidarity with Israel and acting for the humanitarian needs of the Palestinians ↓
https://t.co/ZXaU5I3u6V
Таа потсети на одлуката на Европската комисија тројно да ја зголеми хуманитарната помош за Палестинците и на напорите за воспоставување на „воздушен мост“ меѓу Египет и Газа за брзо испорачување на помошта.
„Во контакт сме со египетските власти за да овозможиме нашата помош да влезе во Газа од Египет. И персонал на Комисијата е во Египет за да се подготви за испорака на хуманитарна помош во Газа. Исто така, им објаснуваме на израелските власти дека е неопходно да се обезбеди вода за Газа. Тоа е основно човеково право“,
рече претседателката на ЕК.
Таа додаде и дека Европската Унија спроведува внатрешна ревизија на дистрибуцијата на финансиската и развојна помош за Палестинците, за да се осигура дека средствата на Унијата не завршуваат во погрешни раце, односно кај некоја терористичка организација.
„Во однос на прашањето за финансиската поддршка и развојната помош за Палестина, не знам за било какви финансии од ЕУ кои одат во некоја териристичка организација и тоа треба да остане така. И затоа ние спроведуваме внатрешен преглед и ќе се координираме со земјите членки кои спроведуваат нивни ревизии“,
рече Фон дер Лајен.
Претседателката на ЕУ истакна дека неодамна разговарала со неколку арапски лидери и дека сите биле многу јасни за важноста на финансирањето од ЕУ, како и за тоа дека војната меѓу Хамас и Израел има потенцијал да го вовлече целиот регион во конфликт.
„Ова ќе го доведе во прашање позитивното влијание на целото наше финансирање“,
рече Фон дер Лајен.
Посочувајќи дека Египет прифати значителен број палестински бегалци, Фон дер Лајен нагласи дека ЕУ мора да ја поддржи земјата во оваа актуелна криза и да воспостави сеопфатно партнерство со неа.
Претседателката на ЕК на крајот посочи дека грешат оние коишто мислат дека актуелните случувања на Блискиот Исток ќе го одвлечат вниманието и помошта на ЕУ за Украина.
„Дозволете ми да завршам со последната клучна мисла. Некои веруваат дека можат да не одвлечат од поддршката за Украина и дека треба да избереме кого да поддржиме. Ќе им докажеме дека грешат. Ние стоиме покрај нашите пријатели онолку долго колку што е потребно. Важно е што сега се разгледува нашиот предлог за повеќегодишната финансиска рамка и во неа има предвидено голема поддршка за Украина, бидејќи знаеме дека таа се бори за нашите вредности и ние стоиме до неа, онолку долго колку што ќе биде потребно“,
додаде Фон дер Лајен.
Главна тема на онлајн средбата на шефовите на држави или влади на членките на ЕУ, како што потсетува МИА, беа обезбедувањето хуманитарна помош за Палестинците, избегнување на регионална ескалација на конфликтот и какви било прекршувања на хуманитарното право. На маса беше и ангажманот на Унијата во соработка со регионалните актери за барање траен и одржлив мир заснован на решението за формирање две држави, потенцијалните безбедносни последици од конфликтот врз членките на блокот, како и ризикот од можни миграциски текови кон Европа.
Европскиот совет во неделата објави заедничка изјава на сите негови членови во однос на случувањата на Блискиот Исток, а во која беше нагласено дека Европската Унија најостро го осудува Хамас и неговите брутални и неселективни терористички напади низ Израел и длабоко жали за загубата на животи.
„Нема оправдување за теророт. ЕУ изразува целосна солидарност со народот на Израел и со жртвите на терористичките напади. Израел има право да се брани во целосна согласност со меѓународното право, особено со меѓународното хуманитарно право“,
беше наведено во изјавата.
Во изјавата, лидерите на ЕУ ја повторија важноста од обезбедувањето итна хуманитарна помош на цивилите на кои им е најпотребна во Газа и изразија подготвеност да продолжат со нивна поддршка во координација со партнерите.